Пред утрешното „Ел Класико“: Куман не очекува да го види Реал ранлив, Зидан верува во играчите


Тренерот на Барселона, Роналд Куман е убеден дека двата порази на Реал Мадрид во последната недела нема да влијаат негативно на нивниот учинок за време на утрешното „Ел Класико“ меѓу двата тима, што ќе се одржи на празниот „Камп Ноу“.

– Навивачите недостасуваат во сите тимови. Малку е чудно што нема никој на толку голем стадион кој создава добра атмосфера за локалниот тим. Се надевам дека наскоро ќе можеме да се потпреме на оваа атмосфера. Да имате помош од вашите фанови е скоро како да имате уште еден играч. На последните два натпревари, Реал можеби нема постигнато добри резултати, но тоа не значи дека немаат самодоверба. Тие имаат многу искусни фудбалери и знаат дека мора да го добијат натпреварот по двата порази. Не мислам дека она што се случува во последно време ќе влијае на нив. Кога правите грешки, сакате да се подобрите. Фудбалерите на Мадрид имаат големо искуство во ваков тип на натпревари. Не очекувам да го видам Реал ранлив, изјави Куман пред дуелот.

Во однос на тоа дали ќе продолжи да се потпира на младите, Холанѓанецот изјави дека најважни се перформансите на секој играч.

– Не гледам проблем со младите. За да стекнат искуство, треба да играат на натпревари. Размислувам само за најдобриот тим за утре, возраста на играчите не е важна. Немам поплаки за моите играчи. Натпреварот против Мадрид е секогаш нешто повеќе. Сакаме да направиме чекор напред и да добиеме самодоверба за да покажеме дека сме на вистинскиот пат. Натпреварот ќе биде изедначен. Двете екипи имаат голема класа и искуство. Овие натпревари се решаваат со детали како што е поседот на топка или пресингот против противникот, рече Куман на својата прес-конференција пред натпреварот.

По два последователни порази, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан смета дека битката со Барселона е најдоброто нешто што може да му се случи на неговиот тим.

Во сабота, шампионите на Ла Лига гостуваат на „Камп Ноу“ во првото издание на сезоната на „Ел Класико“. Екипата од главниот град е под притисок поради слабите резултати во последно време, но Зизу верува во своите играчи.

– Ова е најдобриот начин да свртиме сè во наша предност. Со добар натпревар ќе докажеме дека сакаме да го смениме она што се случува. Ова е она што го сакаме – силно да се претставиме. Ништо не се смени – работите се како што се. Пред една година повторно беше исто, порано беше исто. Од мене се бара да работам, а јас секогаш давам 100% од себе, вели Зидан.

Во однос на тоа дали на тимот му недостасува самодоверба, Французинот вели дека важно е да се биде „силен како карактер“.

– Довербата доаѓа од она што го постигнувате на теренот. Ако се справите добро, ќе имате самодоверба. Отсекогаш сум бил критичен кон себе – тоа е она што ме тера да растам. Сите знаеме дека треба да смениме нешто. Фудбалерите исто така сакаат да играат посилно. Јас самиот не живеам во минатото, ме интересира само она што претстои. Да заборавиме што се случи на претходниот натпревар. Не толку одамна повторно имавме проблеми. Тоа им се случува на сите, но важно е да бидете внимателни да не го правите тоа постојано, изјави тој.

За дуелот со Барса и Куман, смета дека противникот отсекогаш бил силен – со секој тренер.

– Барса е секогаш Барса. Ова е вреден тим кој знае да игра фудбал и да ви ги отежнува работите. Секогаш е добро за нас кога треба да се соочиме со таков противник, додаде Зизу.