Пред почетокот на сезоната сите спортисти ќе се тестираат за Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека на состанок, претставници од Фудбалската федерација на Македонија и членовите на Комисијата за заразни болести донеле одлука да се тестираат сите спортисти пред почетокот на сезона, како и лицата кои се инволвирани во тренинзите.

– Во Фудбалскиот сојуз имаше состанок со членови на Комисијата за заразни болести каде што било разговарано и потврдено дека пред почетокот на сезоната ќе се истестираат сите коишто се дел од тој тренинг и процес на одржување на натпреварите. Тогаш од страна на Институтот за јавно здравје е излезено во пресрет дека ќе ги извршат сите тестирања. Значи тој процес бил на тој начин договорен и секако, нема да се продолжи ниту пак да се иницира нешто што може да го загрози здравјето на спортистите, рече Филипче, одговрајќи на новинарско прашање околу тоа дали останува препораката да има тренинзи во групните спортови, со оглед на тоа што во „Шкендија“ се потврдени два позитивни случаи на Ковид-19.

Тој посочи дека донеле одлука да почнат индивидуалните спортови како тенис, а во однос на тестирањата  за групните спортови, истакна дека тоа е договорено на официјалниот состанок на Федерацијата и Комисијата за заразни болести.