Пред несреќата, бугарското семејство било два дена во Охрид


Авионот што во вторникот се урна кај Солунска Глава е „цесна 210 центурион“, со еднопропелерен мотор со шест седишта 

Стравотна слика ги дочекала увидните екипи на местото каде што се урнала и запалила „цесната“ со четворицата бугарски државјани. Биле собрани докази од самото место, а пеплосаните тела на бугарските државјани во четири црни кеси биле испатени на обдукција.

Пред кобниот лет семејството два дена поминало во Охрид. Летот од Софија уште на 29 март уредно бил најавен на охридскиот аеродром. Повратниот за Софија почнал со тоа што пилотот зел информација за метеоролошките услови што го очекуваат. Кај вакви летови, пилотот сам го прави планот за летање.

Извори од охридски аеродром велат дека кога ги зел податоците за временските услови, сам искоментирал дека лошо му изгледа и се премислувал дали да полета или не.

„Кога пилот ќе дојде во ситуација да каже да или не, треба да одлучи не и да не полета. Во вакви ситуации најчесто се случуваат несреќи“, вели нашиот извор.

Од охридскиот аеродром кон Софија „цесната“ полетала во вторникот во 15:15 часот. Кога го надлетувал Прилеп, побарал од скопската контрола на летање да му биде дозволена промена и да слета на скопски аеродром. Малку подоцна, пилотот повторно ја променил одлуката и на контролорите им кажал дека продолжува за Софија. Кај Солунска Глава влегува во облаци. Последниот контакт со контролата на летање му бил во 16:14 часот. „Цесната“ влегла во турбуленција. Пилотот се обидел да ја крене. Безуспешно. Увидните екипи утврдиле дека перката на авиончето е малку оштетена. Цесната удрила во брдо и по инерција продолжила уште 5-6 метри. Била полна со бензин, затоа што овие летала не користат керозин, по што се запалила. Кога ќе се оштетат резервоарите во крилата, доволна е една искра за да се запали авионот.

Вакви несреќи, според нашиот извор, се должат на неодлучноста на пилотот и неговата недоволна обученост за летање во лоши временски услови. 

Анита Салтировска