Пред летната сезона, влезот во Охрид ќе биде затворен 45 дена


Поради изведување на градежни работи (реконструкција на коловозот) на патниот правец Подмоље – Охрид на магистралниот пат А3, сообраќајот ке биде пренасочен преку регионалниот пат Р-1208. Работите започнуваат на 09.6.2023 г., а на местото ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Со вакво соопштение излезе денеска АМСМ, а дел од медиумите јавуваат дека влезот во Охрид по новиот пат, ќе биде затворен во следните 45 дена. 

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на својот Фејсбук профил излезе со реакција во однос на затворањето на автопатот пред Охрид дури 45 дена.

Според него, нема смисла ова да му се прави на Охрид.

„Ова на Охрид шо му го прајте немат смисла. Ниту идеја, ниту желба уш помалце реализација… 7 години не помрдна „автопатов“ сега на почеток на туристичка сезона 45 дена го затворате влезот на Охрид и се пренасочува цел сообраќај по стариот пат, пат кој нема капацитет да прими толкава голема бројка на возила и хаосот кој ќе го создадете е неминовен. Заради тоа што не сакавте да не испочитувате и не ви беше битно тоа што општина Охрид беше против затворање на влезот во Охрид во овај период, негативно мислење од Општина Охрид, негативно мислење од СВР Охрид и си издадовте сами на себе дозвола за пренасочување на сообраќај, сега јавно го повикувам министерот за транспорт, министерот за внатрешни работи и премиерот, да ја сменат одлуката и да овозможат нормален проток на возила во тек на туристичката сезона, а по завршување на сезоната да одпочнат со градежните активности…“, напиша Пецаков.

Нејасни се реакциите на градоначалникот на Општина Охрид за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид, одговорија од Министерството за транспорт.

„Поддршката од централната власт кон општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат“, соопшти ресорното министерство.

Дoполнително додаваат дека „Владата преку ЈПДП оваа година ќе започне и со рехабилитација на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум за кој искрено се надеваме дека нема да биде противник за реконстукцијата и на овој патен правец“.