Пред две години на концерт беа убиени 22 лица: Аријана Гранде се врати на местото на злосторството


По две години од терористичкиот напад за време на концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде во Манчестер, таа повторно се врати таму.

Во неделата Гранде одржа концерт со наслов „Ајде да не се плашиме, Манчестер“, а настапот го започна со минута молк, во слава на дваесет и двете загинати лица од претходниот концерт.

Како што пишува Гардијан, дваесет и шестгодишната Американка беше прогласена за почесен граѓанин на Манчестер.

– Имам нераскинлива врска со Манчестер. Многу сум благодарна што повторно сте мои домаќини – рече Гранде.

По нападот во 2017 година за време на нејзиниот концерт, таа најави дека ќе се врати во градот за да ја сподели болката со своите фанови и да одржи добротворен концерт во чест на жртвите и нивните фамилии.

Гранде ја објави својата намера во охрабрувачко писмо објавено на интернет повикувајќи ги фановите да соберат храброст по монструозниот напад, со изрази на длабоки чувства на тага за тие што ги загубиле животите и за фамилиите што жалат за своите најблиски.

– Не сакам да ја поминам оваа година без да можам да ги видам, да ги држам и да охрабрам своите фанови на истиот начин како што тие ме поддржуваат мене – , напиша тогаш американската тинејџерска поп-ѕвезда.

Дваесет и двајца, вклучувајќи и деца, загинаа во нападот кога бомбаш самоубиец се разнесе пред концертната сала. Уште дваесетина завршија со критични повреди во болница.