Пред 400.000 години на Марс можеби имало снег


 

Според фотографиите направени од кинескиот ровер „Зуронг“ на Марс, се чини дека Црвената планета имала течна вода на својата површина уште пред 400.000 години, која веројатно започнала како снег кој се стопил и помогнал песочните дини да се претворат во тврда, испукана кора, пишува „Њу сајентист“.

Многу докази сугерираат дека Марс имал огромни наслаги на течна вода во одреден момент во неговото далечно минато, но не е јасно колку долго таа вода опстојувала.

Ксиаогуанг Чин од Кинеската академија на науките во Пекинг и неговите колеги пронајдоа пукнатини, кора и купчиња честички на врвот на песочните дини во марсовската рамнина Утопија Планиција, што може да се објасни само со присуството на течна вода пред околу 400.000 и 1,4 милиони години.

Песочните дини се помодерна форма на терен. Овие кори на површината на дините ги зацврстија песочните дини и го спречија нивното поместување, објаснува Чин.

Присуството на одредени соли во песокот ги навело кинеските научници да веруваат дека водата првично паднала на песочните дини како снег или мраз, кои подоцна се стопиле и се мешале со песокот за да формираат хидрирани минерали. Овие минерали потоа се здружија и, откако водата испарувала, се зацементирале на своето место за да формираат напукната кора што ја гледа камерата на роверот „Зуронг“.

Механизмот предложен од кинеските научници за пукнатини создадени од цемент на база на вода е веродостоен, вели независниот експерт Мет Балме од Отворениот универзитет во Велика Британија. Тој сепак додава дека се уште постои можност овие пукнатини да се формирани преку некој друг геолошки механизам на Марс, за кој научниците на Земјата се уште не се свесни, пишува „Њу сајентист“.

Балме мисли дека со оглед на тоа колку песочни дини се видени на други мисии на Марс, можеби е вредно повторно да се разгледаат тие слики за да се види дали може да се најдат слични карактеристики на песочни дини таму.