Пребројани 11 мртви, 600 повредени од земјотресот во Албанија


Најмалку 11 лица загинаа, а 600 лица се повредени откако силниот земјотрес ја погоди Албанија денеска во раните утрински часови, предизвикувајќи штета по јадранското крајбрежје на земјата и во главниот град Тирана. Неколку згради се распаднаа, затрупувајќи ги жителите под урнатините. Меѓу земјите што помагаат е и Македонија.

„Тимови за брза помош пристигнуваат од Косово, Италија, Грција и други соседи. На спасувачите им помагаат волонтерите во невиден приказ на солидарност“, напиша Ендри Фуга, директор за комуникации на албанската влада.Албанскиот претседател Илир Мета рече дека ситуацијата во градот Туман, најблизу до епицентарот, е мошне драматична.

„Се прават сите напори да се извлечат луѓето од урнатините“, рече тој и го повика кабинетот да побара меѓународна помош. Соседните земји, Европската Унија и Соединетите Држави веднаш понудија поддршка.

Училиштата во земјата денес се затворени, а летовите од аеродромот во Тирана се прекинати поради оштетување на зградата.Според првичните информации за жртви, две жени биле пронајдени во урнатините на станбена зграда во Туман, а маж загинал во градот Курбин откако скокнал од зграда.

Три лица загинаа во западниот пристаништен град Драч, меѓу кои двајца чии тела беа извадени од урната зграда. Вработените во Итната помош за локалните медиуми изјавија дека една од загинатите во Драч е една постара жена што успеала да го спаси внукот заштитувајќи го со своето тело.Уште една жртва загина во несреќа на пат отсечен од урнатини во северозападно Леже.

Серија земјотреси утрово се почувствуваа низ целиот регион. Во блиската Босна, друг земјотрес со прелиминарна сила од 5,4 го погоди југоистокот од главниот град и го потресе и Сараево. Засега нема информации за жртви или штети. Земјотресот се почувствува дури до јужна Италија и северна Грција.

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, на Твитер напиша дека ќе се упати директно во Тирана од Скопје, каде што во моментов е во посета, и рече дека разговарал со министерот за цивилна заштита на Атина за испраќање итна помош.

Албанија и поширокиот регион на Западен Балкан доживуваат редовна сеизмичка активност. Земјотрес со јачина од 5,6 степени ја потресе земјата на 21 септември, оштетувајќи околу 500 куќи, но немаше загинати.