Православните христијани го слават Рождеството Христово – Божик
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи архиерејска литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упати Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое меѓу другото се вели:
„Денес го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе. Веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора. И како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието ни сведочи дека тој се вознемирил, плашејќи се да не го загуби својот престол. На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање“.
Во посланието на г.г. Стефан, исто така, се вели:
„Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух.
Оттаму Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов. Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нѐ направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја.