Православната црква во Литванија побара одделување од Московската патријаршија


Православна црква во Вилнус, Литванија

 

Литванскиот митрополит Инокентиј се обратил кон Синодот на Московската патријаршија со барање да се промени статусот на Вилнуско-литванската епархија и да се направи „самоуправна“. Слични барања имаше и пред два месеци.

Со продолжувањето на руската војна во Украина расте немирот меѓу православните во Литванија.

Тамошната православна црква моментално има статус на епархија на Руската православна црква. Се зголемува бројот на свештенството и мирјаните кои сакаат да се отцепат од Московската патријаршија.

Се бараат алтернативи во воспоставување јурисдикција со Цариградската патријаршија (слично на Православната црква во Естонија), во добивање автономен или автокефален статус, во преименување на црквата во православна црква во Литванија.

Пред Синодот во Москва, литванскиот митрополит Инокентиј рече дека прашањето е всушност да се усогласи статусот на црквата во Литванија со реалноста, бидејќи и денес сите одлуки ги носи нејзината хиерархија независно.

„Нашата црква не е московска или руска, туку литванска, сите одлуки за нејзиното управување се носат во Литванија. Во целосно отсуство на какви било финансиски врски со Московската патријаршија, одржуваме канонски и молитвени односи со мајката црква и верност на традициите на руската православна побожност“, рече митрополитот Инокентиј.

Статусот на самоуправна црква го доделува патријаршискиот томос во согласност со одлуката на месниот собор.

Митрополитот Инокентиј смета дека со прифаќањето на неговото барање за разгледување е направен многу важен чекор кон стекнување поголема независност на православната црква во Литванија.

„Би го нарекол историски настан“, рече тој.

Околу барањето на митрополитот Инокентиј, рускиот патријарх Кирил рече дека „ние имаме должност да ја разгледаме ситуацијата во Вилнуската епархија и како да помогнеме православната црква во Литванија да може да одговори на денешните предизвици и во исто време да служи на високите пастирски задачи пред неа“.

Во Литванија, претежно католичка земја (речиси 90%), православните сочинуваат само 5% од населението. Денес на нив се гледа со недоверба дека ја одобруваат руската агресија против Украина и лидерите на руската политика во земјата. Литванија беше првата советска република што го напушти СССР во 1990 година.