Право на глас на претседателските избори имаат 1.814.317 избирачи, на 3.480 гласачки места


Фото: Б. Грданоски

Денешните седми по ред претседателски избори се спроведуваат на 3.480 избирачки места во државата, а право на глас имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. 

Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, 95.116 избирачи се на привремена работа или престој во странство, а 2.147 се на издржување казна затвор или се во притвор.

Вчера, ден пред изборите можеа да гласаат вкупно 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во Казнено-поправните домови и лица во притвор, во старски домови и наши државјани во странство.

Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се евидентирани 2.569 избирачи, како и 191 член членови и заменик членови на избирачките одбори кои ќе спроведат гласање во ДКП-та.

Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вон семејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика.