Полицијата чува, правнукот на Гоце Делчев апелира за достоинствен 4 февруари

Неофицијално, во македонските политички кругови не се очекува да има некаква ескалација на насилство, па ни инциденти на 4 февруари


Денеска, 1 февруари, можеше слободно да се влезе во дворот на „Цвети Спас“ (Фото: Б. Грданоски)

 

Полицајци во униформи и во цивил веќе се распоредени околу црквата „Св. Спас“ за да го обезбедат  пристапот кон гробот на Гоце Делчев. Полицијата е присутна на терен најмалку два дена за да ги спречи најавите за самоорганизирано доаѓање на граѓани што може да предивика инциденти и судир меѓу групи Македонци и дојдени Бугари. Министерот Спасовски и отворено ги повика граѓаните „да не потпаѓаат под влијанието на Александар Пандов“ (претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ).

Денес и правнукот на Гоце Делчев, Христо Христов, заедно со поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, упати апел до граѓаните и политичарите на Македонија и Бугарија да не дозволат ескалација на тензиите по повод одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Кон апелот се приклучија и Рајна Дрангова, внуката на полковникот Борис Дрангов, командант на бугарските сили во Првата светска војна, правнуката на охридскиот фолклорист и етнограф Кузман Шапкарев, внуката на Тодор Александров и внукот на штипскиот војвода Мише Развигоров.

„Провоцираните судири меѓу граѓаните на Република Северна Македонија и Република Бугарија би биле неприфатлива сакрилегија за споменот на Гоце Делчев. Тие ќе фрлат грда сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и на оние кои загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт“, ​​се наведува во апелот.

Исто така, се вели: „Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во двете земји, свесно или несвесно, да ја уништат работата на нашите предци“, пренесе БТА.

Петар Стојанов и потомците на македонските семејства ги повикуваат политичарите во Софија и во Скопје „да соработуваат со сите сили за спречување на јазикот на омразата, кој е штетен за нашите две општества и за иднината на нашите две земји“.

Неофицијално, во македонските политички кругови не се очекува да има некаква ескалација на насилство, па ни инциденти на 4 февруари кога ќе се чествува раѓањето на Гоце Делчев, а на провокаторот Ангел Џамбаски нема да му биде дозволен влез во Македонија. 

Организаторот на бугарските граѓани Виктор Стојанов  ги повика заинтересираните да дојдат во Скопје да му одадат чест на Делчев.

„Нема да има и нема да се дозволат барикади, блокади или провокации! Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата! Имаме организиран превоз со автомобили од Софија. На граница ќе нè пречека полицијата на Северна Македонија и ќе го обезбедува движењето до гробот на Гоце и назад. Во 11.30 часот на паркингот кај Кале ќе дојдат и нашите пријатели од Скопје и Бугарите од цела Северна Македонија, иако поради страв од напади нема да ги има многу. Им благодариме на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи на нашата татковина што обезбедија ред и што заедно ќе одадеме чест на Гоце во духот на разбирањето и пријателството, како што ќе биде и во иднина! Дојдете да го почестиме Гоце на неговиот гроб во Скопје“, повика Стојанов.

Главниот комесар на бугарското Министерство за внатрешни работи Станимир Станев вели дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци на чествувањето на Гоце Делчев ако има такво барање од македонското МВР. „Северна Македонија е одговорна за настанот, но ние можеме да обезбедиме помош“, изјави Станев за БТВ.
Гробот на Гоце Делчев, 1 февруари (Фото: Б. Грданоски)
 
Според него, со Македонија се разменуваат информации за движењето на луѓето, што им е потребно на двете земји со цел непречено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„ Се надевам дека нема да има провокации, нема да има навреди. Вложуваме максимални напори од страна на бугарските гости да нема провокации“, вели Станев и додава дека има драконски мерки, уверување што го добиле од македонската полиција.

Во чест на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, свежо цвеќе на вечното почивалиште ќе положат претседателот Стево Пендаровски и  владина делегација предводена од претседателот на владата Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.