Правдата можеби е бавна, но стигнува: Изречени над 350 години затвор за случаите на СЈО и за упадот во Собранието


Фото: Б . Грданоски

Еден преглед на судските постапки кои се поврзани со предметите на СЈО кажува дека изминатите три-четири години сепак не биле само залудно потрошено време

 

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вчера излезе со предлог да се формира  посебна агенција која ќе има специјални овластувања за гонење на корупцијата и организираниот криминал, односно некој вид истражно „СЈО“, откако првото заврши неславно по откривањето на аферата „Рекет“. Дали е неопходна таква институција и дали се навистина мали резултатите во гонењето на организираниот криминал и корупцијата, најдобро се гледа ако се направи анализа на случаите од висок профил на СЈО и на Јавното обвинителство. Таа покажува дека од 2017 година, кога започнаа првите судења покренати од СЈО па досега изречени се пресуди од над 350 години ефективен затвор во високопрофилни случаи, иако некои од нив треба да ги потврди Апелацискиот суд.

И покрај чувството во јавноста за продолжување на климата на неказнивост, анализата покажува дека еден од симболите на режимот, Сашо Мијалков, освен што доби 12 години затвор за обвинението за прислушување, се соочува со затворски казни уште во четири предмети на СЈО – „Титаник 2“, „Трезор“, „Тортура“ и евентуално „Империја“, која сѐ уште е во фаза на истрага. Пребеганиот Никола Груевски веќе заработи две затворски казни од вкупно 3 години и 6 месеци, додека Гордана Јанкулоска има две изречени затворски пресуди од вкупно 8 години, а ја чека уште еден голем случај –„Титаник“. Против Груевски, пак, течат судења за уште пет предмети, а застаре само еден – „Траекторија“.

Од вкупно 40 процеси за висока корупција, вклучувајќи го и „Рекет“ со Катица Јанева, целосно се завршени седум,  а потврди од Апелацискиот суд се чекаат за уште четири – „Таргет-Тврдина“, „Титаник 3“, „Транспортер“ и „Тарифа“. Завршија и процесите за случајот „Монструм“ и за учесниците во насилството на 27 април, но далеку од крајот е судењето за организаторите на упадот во парламентот, меѓу кои е обвинет и Трајко Вељаноски.

Во затвор или притвор од високите функционери и деловни луѓе, освен Мијалков и Јанкуловска, во моментов се Сеад Кочан, Ѓоко Поповски, Катица Јанева  и осудените за 27 април, додека  Владимир Талески чека потврда на казната од Апелација, а судењата за Владимир Пешевски, Елизабета Канческа-Милевска, Зоран Ставрески, Кирил Божиновски, Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Љупчо Димовски сѐ уште траат. Миле Јанакиески засега има едногодишна условна затворска казна за насилството во Центар, но го чекаат пресуди во шест други судски обвиненија.

За лошиот впечаток дека правдата се одолговлекува, покрај бегствата на некои од обвинетите, придонесе повторувањето на некои од судењата, при што фаворит е судењето за предметот  „Тотал“ против Драган Павловиќ – Латас кое почна по третпат, а пет други случаи почнаа од почеток. Еден преглед на судските постапки кои се поврзани со предметите на СЈО кажуваат дека изминатите три-четири години сепак не биле само залудно потрошено време:

 

ПРЕДМЕТИ  ПОВРЗАНИ СО СЈО

 

1. Предмет „Таргет–Тврдина“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 22 декември 2017 година, а првостепената пресуда беше објавена на 26 февруари 2021 година. Предметот се однесува на незаконското прислушување и на уништување на опрема за прислушување.

Сашо Мијалков – 12 години затвор (5 години за злосторничко здружување, 5 за злоупотреба на службената положба и овластувње и 3 за примање награда за противзаконито влијание – пресметени во единствена затворска казна од 12 години)

Гордана Јанкулоска – 4 години затвор (за злоупотреба на службената положба и овластување)

Горан Грујевски – 15 години затвор (4 години за злосторничко здружување, 4 за злоупотреба на службената положба и овластување, 5 за уште едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, 1 за фалсификување службена исправа и 1 за уште едно кривично дело фалсификување службена исправа – пресметани во единствена затворска казна од 15 години)

Никола Бошковски – 15 години затвор (по 5 и 11 години затвор за делата злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправа – пресметани во единствена затворска казна од 15 години)

Надица Николиќ – 3 години затвор (по 2 години затвор за злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба – пресметани во единствена затворска казна од 3 години)

Тони Јакимовски – 6 години затвор (5 години за злоупотреба на службената положба и овластување и 1 година за фалсификување службена исправа – пресметани во единечна затворска казна од 6 години)

Владимир Варелов – условна осуда од 2 години (1 година за злосторничко здружување и 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување – пресметани во единечна казна условна осуда од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во наредните 5 години не направи ново кривично дело)

Маријан Шумуликоски – условна осуда од 2 години (1 година за злосторничко здружување и 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување – пресметани во единечна казна условна осуда од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во наредните 5 години не направи ново кривично дело)

Силвана Златова – условна осуда од 2 години (1 година за злосторничко здружување и 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување – пресметани во единечна казна условна осуда од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во наредните 5 години не направи ново кривично дело)

Васил Исакоски – условна осуда од 2 години (1 година за злосторничко здружување и 1 година и 6 месеци за злоупотреба на службената положба и овластување – пресметани во единечна казна условна осуда од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во наредните 5 години не направи ново кривично дело)

Валентина Симоноска – условна осуда од 2 години (за фалсификување службена исправа)

Штета: 1,4 милиони евра

 

2. Предмет „Тифани“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 19 февруари 2018 година, а пресудата беше објавена истиот ден, откако обвинетата го призна делото. Ивона Талеска, уредничка во телевизија Сител, управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ – доби условна казна од 2 години ако во следните четири го повтори делото. Обвинета беше дека од 2008 до 2014 година одбегнала да плати даноци, затаила 37.000 евра преку фирмите и 17.000 евра личен данок. Првостепената пресуда е потврдена од Апелација во 2018 година.

 

3. Предмет „Тенк“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 30 јануари 2018 за Никола Груевски и за Ѓоко Поповски. На 29 август 2018 година започна судскиот процес за Гордана Јанкулоска во издвоена постапка поради нејзината бременост. Првостепената пресуда е донесена на 23 мај 2018 година, односно на 8 октомври 2018 година. Се однесува на незаконската набавката на луксузниот мерцедес во МВР.

Ѓоко Поповски, началник во МВР, 4 години казна затвор, пресудата е потврдена од Апелација и Врховен, првостепената пресуда беше со казна од 6,6 години затвор (злоупотреба на службена положба и овластување)

Никола Груевски, 2 години затвор, пресудата е потврдена од Апелација и Врховен (примање награда за противзаконито влијание за набавка на луксузниот мерцедес)

Гордана Јанкулоска,   4 години затвор, потврдена од Апелација и Врховен суд. Првостепениот суд ја осуди на 6 години (злоупотреба на службена должност и овластување).

Ова беше прв предмет на СЈО кој стигна на разгледување во Врховниот суд.

 

4. Предмет „Триста“ – обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна во ноември 2017 година. Пресудата е донесена на 22 мај 2018 со казна затвор од 9 години, но  Апелација одлучи да го врати предметот на ново судење. На 22 октомври 2019 првостепениот суд повторно ја одреди истата казна од 9 години. Апелација, во февруари 2021 година ја намали казната на 5 години. 

Предметот се однесува на набавка на 300 возила во МВР, обвинетиот не го избрал најдобриот понудувач на огласот.

Ѓоко Поповски, началник во МВР, доби 5 години затвор (злоупотреба на служебната положба и овластување).

 

5. Предмет „Титаник 2“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 24 април 2018 година, а во март 2019 е донесена првостепената пресуда. Случајот се однесува на изборни измами. Во декември 2019 година Апелација ги укина затворските казни и предметот го врати на ново судење. Следното рочиште од повтореното судење е закажано за 10 мај 2021 година.

Првостепените казни кои се укинати од Апелација изнесуваа:

Сашо Мијалков, 3 години затвор (примање награда за противзаконито влијание)

Мендух Тачи, 3,2 години затвор (злоупотреба на службена должност и овластување)  

Бедредин Ибраими – 4,6 години затвор (злоупотреба на службена должност и овластување)  

Влатко Сајковски,  3 години затвор  (злоупотреба на службена должност и овластување)  

Сашо Срцев, 3 години затвор  (злоупотреба на службена должност и овластување)  

Елизабета Стефановска, 3 години затвор. (злоупотреба на службена должност и овластување)  

 

6. Предмет „Титаник 3“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 16 март 2018 година, а пресудата е донесена на 31 март 2020 година. Во моментот предметот е на одлука во Апелација. Кривичното дело се однесува на изборни измами.

Исмет Гури, ДУИ, казна затвор од 3,6 години (уништување на изборен материјал на локални избори во 2013 година)

 Ејуп Алими, ДУИ, казна затвор од 3,6 години (уништување на изборен материјал на локални избори во 2013 година)

Донесувањето на пресудата за „Титаник 3“

 

7. Предмет „Транспортер“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на  28 септември 2018 година, а пресудата беше објавена на 31 март 2020 година. Во моментов предметот е на одлука во Апелација. Кривичното дело се однесува на  незаконски организиран превоз на ученици во Битола

Владимир Талески е осуден 8 години затвор (злоупотреба на службена положба и овластување). Со првостепената пресуда се осудени уште 20 други лица, половината со казни затвор по 2 до 3 години, половината условно. Осудените се претежно транспортни работници и директори на училишта.

 

8. Предмет „Труст“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 14 декември 2017 година, а пресудата е донесена во јули 2018 година со казни затвор од 6 години и 3 години. Во март 2019 година Апелација ги намали казните на двајцата обвинети. Врховниот суд ги потврди намалените пресуди на Апелација во септември 2020 година. Предметот се однесува на наместени тендери.

Сеад Кочан, 4,8 години затвор (со лажни документи учестувал на јавни повици  и добил тендери)

Василије Авировиќ, 2 години условна казна (злоупотреба на постапката за јавен повик)

 

9. Предмет „Тарифа“ , обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 19 декември 2017 година, а пресудата е објавена во декември 2019 година. Предметот е на одлука во Апелација. Кривичното дело се однесува на  незаконски набавки во ЕЛЕМ.

Дејан Бошковски, казна затвор 3 години (злоупотреба на службена положба и овластување)

Методиј Стојменовски, казна затвор 3 години (злоупотреба на службена положба и овластување)

Ненад Ѓорговски, казна затвор 3 години (злоупотреба на службена положба и овластување)

 

10. Предмет „Насилство“ – насилните протести во општина Центар. На 29 септември 2020 е донесена првостепена пресуда, за Никола Груевски 1,6 година, за Миле Јанакиевски условна казна од 1 година ако го повтори делото во следните 4 години.

 

11. Предмет „ТНТ“ обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 24 јануари 2018 година. После две години, откако беше направена смена на една поротничка, на 18 февруари 2020 година судењето стартуваше од почеток. 

Никола Груевски (кривично дело од политичка омраза)

Миле Јанакиески  (кривично дело од политичка омраза)

Тони Трајковски градоначалник на Гази Баба (злоупотреба на службената должност и овластување)

Обвинети се уште други четири лица вработени во локалната самоуправа Гази Баба.

Од судењето за случајот „ТНТ“

 

12. Предмет „Тревник“ обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 27 јуни 2018 година. Во јули 2019 година беше објавена првостепената ослободителна пресуда против тројцата обвинети. Во јуни 2020 година Апелација ги укина првостепените пресуди и предметот го врати на ново судење. Кривичното дело се однесува на бесправно градење куќи во Зелениково на семејството Павловиќ.  

Драган Павловиќ-Латас

Срѓан Павловиќ 

Звездан Павловиќ

 

13. Предмет „Топлик“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 21 декември 2017 година. Предметот се однесува на незаконска продажба на државно земјиште за проектот Сончев град. Обвинет е Миле Јанакиески (злоупотреба на службената положба и овластување) и уште пет лица. Штета: Еден милион евра

 

14. Предмет „Трезор“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна во јуни 2018 година. Предметот се однесува на набавка на софтверски систем во МВР, електронско-комуникациска опрема.

Сашо Мијалков (злоупотреба на службената положба и овластување)

Тони Јакимовски (злоупотреба на службената положба и овластување)

Небојша Стајковиќ (злоупотреба на службената положба и овластување)

Горан Грујевски (злоупотреба на службената положба и овластување)

Штета: 860.000 евра

 

15. Предмет „Тендери“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 13 март 2018 година. Предметот се однесува на наместен тендер околу градежни работи во Музејот на ВМРО. Обвинети се Елизабета КанческаМилевска (злоупотреба на службената положба и овластување) и  уште две лица од Комисијата за јавни набавки.

 

16. Предмет „Тортура“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 28 февруари 2018 година. По смена на еден од поротниците на 22 октомври 2019 година судењето започна одново. Предметот се однесува на приведувањето на Љубе Бошкоски во 2011 година.

Сашо Мијалков (мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување)

Ивица Анчевски Пуки (мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување)

Обвинети се уште петмина припадници на полициската единица Алфи.

 

17. Предмет „Талир“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна на 2 март 2020 година. Предметот се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО ДПМНЕ.

Никола Груевски (злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари)

Кирил Божиновски (злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари)

Миле Јанакиевски (злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари)

Илија Димовски (перење пари)

Леко Ристовски (перење пари)

Елизабета Чингаровска (перење пари). Таа се спогоди со Јавното обвинителство и доби две години условна казна.

Обвинителниот акт се однесува и на правниот субјект ВМРО-ДПМНЕ.

Миле Јанакиески засега има едногодишна условна затворска казна за насилството во Центар, но го чекаат пресуди во шест други судски обвиненија

 

18. Предмет „Талир 2“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна во август 2019 година. Предметот се однесува на незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски (злоупотреба на службената положба и овластување)

Кирил Божиновски (злоупотреба на службената положба и овластување)

 

19. Предмет „Тотал“, обвинителен акт на СЈО.

Судскиот процес започна во декември 2017 година. Предметот се однесува на даночно затајување со внесување лажни податоци во завршните сметки на три маркетинг фирми во сопственост на обвинетиот. 

Драган Павловиќ Латас (даночно затајување)

Во текот на судскиот процес три пати се смени судијата, па судењето три пати почнува од почеток. Штетата е 185.000 евра.

 

20. Предмет „Титаник“, предмет на СЈО – изборни нерегуларности.

Првостепеното судење трае повеќе од две години. Процесот е во доказна постапка. Последното рочиште беше во февруари 2021 година. Со обвиниелниот акт се опфатени Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

(злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања) 

 

 ПРЕДМЕТИ НА СЈО и ОЈО

 

21. Предмет „Друмарина“, истрага на СЈО/обвинителен акт на ОЈО. Судскиот процес започна на 24 декември 2020 година. Предметот се однесува на патните трошоци на пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ која приложувала лажни фискални сметки. Обвинета Силвана Бонева (измама). Штета од 100.000 евра.

 

22. Предмет „Моќник“, истрага на СЈО/обвинителен акт на ОЈО. Судскиот процес започна на 17 февруари 2021 година. Предметот се однесува на незаконска продажба на државно земјиште преку измама, како и на незаконска лустрација на судија. Обвинет е Антонио Милошоски (измама и злоупотреба на службената должност), тој е третообвинет со одговорност дека влијаел врз државните органи за да се спроведе нелегалната продажба на земјиштето. За измама се обвинети и неговиот татко, како и поранешниот градоначалник на Македонски Брод. Обвинителниот кат е поднесен и против поранешниот претседател на Лустрациската комисија, Томе Аџиев, како и против уште девет членови. Тие се обвинети за незаконска лустрација на судија, која е спроведена под влијание на Антонио Милошоски.

Ова е прва истрага на СЈО за која беше покренат обвинителен акт од ОЈО. 

 

23. Предмет „Лидери“, истрага на СЈО / обвинителен акт на ОЈО. Обвинителен акт е покренат на 23 февруари 2021 година

 

Инвеститор од Скопје (бесправно градење). Во периодот од септември 2011 до февруари 2013 година, обвинетиот градел на земјиште во државна сопственост на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, за кое во 2004 година имал склучено Договор за закуп и користење на пасишта со ЈП за пасишта – Подружница Бит Пазар – Скопје. Иако согласно договорот бил корисник на земјиштето за период од 10 години, тој инвестирал во градба на армирано-бетонски објект од втора категорија. Без одобрение за градба тој изградил станбена зграда на два ката со вкупна корисна површина од 1.001 м2, со деловен простор и шест стана.​

 

24. Предмет „Поштенска банка“- истрага на СЈО/обвинителен акт на ОЈО. Обвинителен акт е покренат во декември 2020 година. Предметот се однесува за криминал со банкарски кредити. Обвинети Коле Смилевски (злоупотреба на службена должност и овластување и за перење пари), Томе Главчев (злоупотреба на службена должност и овластување и за перење пари), Ратко Димитровски (злоупотреба на службена должност и овластување и за перење пари) и уште шестмина други за перење пари.

 

25. Предмет „Рентген“, истрага на СЈО / истрага на ОЈО.

Осомничен е  Никола Тодоров (злоупотреба на службена должност и овластување). При набавка на рентген апарати и друга опрема за радиолошки служби,  сторил кривично дело со фаворизирање на една од фирмите која учествувала на тендерот.

Штета 860. 000 евра.

 

26. Предмет „Продуцент“-истрага на СЈО /истрага на ОЈО.

Љупчо Димовски осомничен (злоупотреба на службена должност и овластување).Во ноември 2009 година склучил договор за деловна соработка со друштвото за комуникација и консалтинг „Смарт центар Дооел“ во вредност од 50 илјади евра. Договорот бил склучен без почитување на законот за јавни набавки.

 

27. Предмет „Империја“ – истрага на СЈО / истрага на ОЈО.

Осомничени:

Орце Камчев

Сашо Мијалков

Ненад Јосифовиќ

Цветан Панделески

Ратка Куноска-Камчева

Христина Камчева-Стојческа

Зорица Арсовска

Лилјана Гајдовска

Владислав Стајковиќ

Тодор Мирчевски  Дејан Јанев

Ванче Мијалчев

Јованче Тасковски

Се истражува финансиската пирамида на осомничените преку поголем број нивни фирми.

 

28. Предмет „Дизајн“- истрага на СЈО/истрага на ОЈО. Обвинети:

Миле Јанакиески (злоупотреба на службената положба и овластување

Снежана ФилиповскаПавлеска (злоупотреба на службената положба и овластување)

Игор Јанушев  (злоупотреба на службената положба и овластување)

Јулијана ЈанкуловскаАтанасова (злоупотреба на службената положба и овластување)

Истрагата се однесува за фавоизирање на компанија при набавката на 202 двокатни автубоси за ЈСП. Штета од 5 милиони евра.

Во процесите се и Игор Јанушев и Кирил Божиновски

29. Предмет „Странски служби“ – истрага на СЈО/истрага на ОЈО. Обвинети се:

Поранешен началник на оперативна техника во УБК (злоупотреба на службената должност и овластување)

Помошник министер во МВР (злоупотреба на службената должност и овластување)

Предметот се однесува на незаконска набавка на опрема во МВР:

 

30. Предмет „Попис“, истрага на СЈО/истрага на ОЈО.

Никола Груевски

Али Ахмети 

Ги искористиле своите овластувања и одлучиле да го прекинат пописот. Штета од 3 милиони евра.

 

31. Предмет „Пропаганда“ – истрага на СЈО/ истрага на ОЈО.

Предметот се однесува на купување и корумпирање медиуми со народни пари. Осомничени за злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност и овластување:

Марјан Цветковски

Никола Груевски

Ацо Мисајловски

Кирил Божиновски

Саше Стојановски

Емил Парнаџиски

Владислав Стајковиќ 

Елена Колишевска

Захарија Вулгаракис

Штета од 30 милиони евра.

 

32. Предмет „Пациент“ – истрага на СЈО/истрага на ОЈО.

Предметот се однесува на злоупотреби со јавни набавки во врска со градежно – занаетчиски работи во повеќе јавни здравствени установи. Осомничени за злоупотреба на службената должност и овластување:

Фатмир Авмедовски

Бетим Љамалари

Менсур Ибрахими 

Жаклина Чагороска

Уште десетмина други се обвинети во оваа група, а како дел од оваа истрага се споменува и името на Бујар Османи. Во последните месеци некои новинарски написи тврдат дека тој повеќе не е на списокот на осомничени.

 

33. Предмет „Подарок“ – истрага на СЈО/истрага на ОЈО.

Предметот се однесува на овозможување стекнување противправна имотна корист на руската компанија „Строј транс гас“ во износ од 33 милиони евра. Осомничени за злоупотреба на службената должност и овластување:

Зоран Ставрески

Миле Јанакиески

Крсте Миладинов

Штета од 33 милиони евра.

 

34. Предмет „Табла“ – истрага на СЈО и на ОЈО.

Предметот се однесува на изградба на основно училиште во село Строговиште без почитување на законски прописи.

Директор на основно училиште (злоупотреба на службена должност и овластување).

 

35. Предмет „Транспортер 2“ – истрага на СЈО / истрага на ОЈО.Предметот се однесува на криминал со превоз на ученици во Битола. Обвинети се:

Владимир Талески (злоупотреба на службената должност и овластување)

Слободан Бончановски (злоупотреба на службената должност и овластување)

Уште 8 други лица.

 

36. Предмет „Актор“ – истрага на СЈО/истрага на ОЈО.

 

37. Предмет „Тарифа 2“ – истрага на СЈО и на ОЈО.

 

38. Предмет „Базни станици

Жарко Луковски осомничен (починат).

 

39. Предмет „Траекторија“- истрага на СЈО / Обвинителен акт на СЈО.Судскиот процес започна во 2017 година. Предметот се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Обвинети:

Владимир Пешевски (злоупотреба на службената должност и овластување)

Љупчо Георгиевски (злоупотреба на службената должност и овластување)

Миле Јанакиески (злоупотреба на службената должност и овластување)

Штета од 155 милиони евра.

-Делото на Никола Груевски во овој предмет е застарено затоа што поминале шест години од сторување до рокот предвиден за изрекување пресуда.

 

Од изрекувањето на пресудата за извршителите во случајот „27 април“

 

ПРЕДМЕТИ НА ОЈО

 

1. Предмет „27 април

Пресуда на Апелација од 12 февруари 2021 година за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста:

Митко Чавков 16 години затвор

Митко Пешов 13 години затвор

Душко Лазаров 13 години затвор

Горан Ѓошевски – Леви 13 години затвор

Оливер Поповски  11 години затвор

Оливер Радулов 9 години затвор

Мунир Пепиќ 13 години затвор

Абдуљифета Алими казна 6 години затвор

Младен Додевски 11 години затвор

Јане Ченто  13 години затвор

Горанче Анѓеловски 11 години затвор

Игор Југ 11 години затвор

Влатко Трајковски 14 години затвор

Вилијам Михајловски 13 години затвор

Никола Митревски – Кољо 14 години затвор

Александар Василевски Нинџа 7 години затвор

 

2. Предмет „27 април“ – организатори.

Судскиот процес започна на 26 февруари 2020 година. Обвинети се:

Трајко Вељаноски

Миле Јанакиески

Спиро Ристовски

Владимир Атанасовски.

Кривично дело: терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

 

3. Предмет „Рекет

Пресудата беше објавена на 18 јуни 2020 година:

Бојан Јовановски 9 години затвор (примање награда за противзаконито влијание и за перење пари

Катица Јанева 7 години затвор (злоупотреба на службената положба и овластување.)

 

4. Предмет „Монструм

Пресудата бше објавена на 23 февруари 2021 година.

Алил Демири доживотен затвор (тероризам)

Африм Исмаиловиќ доживотен затвор (тероризам)

Агим Исмаиловиќ доживотен затвор (тероризам)

Хаки Азири  9 години затвор (помагање на сторител по извршено кривично дело)

Фејзи Азири 15 години затвор (помагање на сторител по извршено кривично дело)

Сами Љута ослободен.

(Независен.мк)