„Правда за сите“ од Пендаровски побарале поддршка за целосно обесштетување на штедачите во Еуростандард банка


Здружението на штедачи во Еуростандард банка „Правда за сите“ од претседателот Стево Пендаровски побарало поддршка за донесување на конечна одлука за целосно обештетување на 3.000 семејства од средствата од стечајната постапка на банката, притоа не посегнувајќи по буџетски средства на државата.

„Со неодамнешната одлука на Уставниот суд, којшто го укина спорниот член 163 став 3 од Законот за банки, со којшто се дефинираше Фондот за осигурување на депозити како доверител и истовремено му се даваше предимство за наплата од стечајната маса пред сите други доверители, сега конечно со укинување на неуставната законска одредба и правно се создадоа услови за донесување на конечна одлука. Веруваме и очекуваме дека таа одлука ќе ја задоволи правдата према 3.000 семејства кои насред светска пандемија и тешка економска криза беа оставени без своите лични парични средства“, соопштија од „Правда за сите“ за детали од средбата со претседателот Пендаровски.

Од Кабинетот на Пендаровски вчера кусо соопштија дека на средбата со претставници на оштетените штедачи од Еуростандард банка Претседателот ги истакнал своите заложби сите евентуални криминални дејствија сторени од кој било субјект да се разрешат во соодветна законска процедура од страна на надлежните органи.

Во денешното соопштение на Здружението на штедачи се вели дека тие на Пендаровски му доставиле нивен предлог како тоа би се остварило.

„Претставниците на Здружението „Правда за штедачи“ му доставија на Претседателот и свој предлог за измени и дополнувања на Законот за банки, којшто во изминативе денови беше доставен и до Владата и Министерството за финансии. Воедно, побараа истиот да биде земен во предвид при донесувањето на конечното законско решение. Особено доколку Владата инсистира во краток рок да се пополни правната празнина создадена со Одлуката на Уставниот суд од 25.05.2021 година со којашто е веќе укинат спорниот член 163 став 3 од Законот за банки“, велат од „Правда за сите“, додавајќи дека тие бараат да бидат вклучени во работното тело што го изготвува текстот на Предлогот за измени и дополнувања на Законот за банки, без оглед дали изготвувањето ќе биде од Министерството за финансии или од друго тело формирано за таа цел.

Од Здружението „Правда за штедачи” соопштија дека во детали го запознале Претседателот и неговите советници „за големината и сериозноста на организираниот криминал направен врз 3.000 семејства директно оштетени од Еуростандард банка, кои се жртви на криминалот тежок речиси 60 милиони евра“ кои биле незаштитени од институциите чија примарна цел е преку супервизија, контрола и превентивни мерки да овозможат заштита на сите коминтенти во банките.

Здружението „Правда за штедачи“ велат дека на средбата презентирале и доставиле писмени докази и извештаи од каде се гледа големината на криминалот во банката како и дека побарале од Претседателот да се заложи сите евентуални криминални дејствија сторени од кој било субјект да се разрешат во соодветна законска процедура од страна на надлежните органи. Исто така, било побарано Претседателот да помогне во рамките на неговите ингеренции во прибирање на дополнителни доказни материјали преку нивно декласифицирање  со цел тие да послужат во натамошните постапки.