Пратките од Велика Британија до ЕУ ќе подлежат на царински давачки од 1 јануари


Пратките од Велика Британија до ЕУ ќе подлежат на царински давачки од почетокот на новата година, предупредија од „Британски пошти“, јави ДПА.

Од 1 јануари, луѓето во Велика Британија ќе треба да додадат царинска декларација на нивната пратка. Поштата ги советуваше британските клиенти да ги следат тие упатства за да избегнат доцнење на пратката.

„Клиентите што испраќаат пратки од Англија, Шкотска и Велс ќе мора да приложат царинска декларација на пратките подароци или стока испратена во странство, вклучително и до дестинациите на ЕУ“, се вели во соопштението на поштата

Царинските декларации не треба да се пополнуваат кога станува збор за испраќање писмо, картичка или документ од Велика Британија до некоја земја на ЕУ.

Царинските декларации не се потребни за стоки испратени од Северна Ирска до дестинациите на ЕУ. Според Британски пошти, 45 проценти од меѓународните пратки испратени од Велика Британија се во ЕУ.