Пратениците зад затворена врата ќе решаваат за Јанева
Собраниската Комисија за избори и именувања денеска зад затворена врата ќе расправа по извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, откако Советот го отфрли барањето на претседателот на Комисијата Илија Димовски да го декласифицира материјалот, а за тоа дали ќе се расправа на затворена или отворена за јавноста седница да одлучат нејзините членови.
Завчера Димовски најави дека ќе испрати барање до новиот претседател до Советот на јавни обвинител Ацо Колевски, да го декласифицира документот, а Советот вчера го отфрли барањето со образложение дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против Специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка.