Пратениците се вразумија и најдоа компромис за економскиот пакет за помош


П

По десетдневните препукувања, обвинувања и контраобвинувања меѓу власта и опозицијата и тензичната расправа на претпладневниот пленум на Собранието, пратениците се вратија во салата за да покажат дека е можен дијалог и компромис кога се сака и се мисли на граѓаните а не само на партиските интереси. Економските закони од петтиот пакет за економска помош ќе се носат ургентно, дневниот ред на 36. седница беше усвоен, а потоа на предлог на опозицијата беа повлечени сите други точки од него освен онаа за продолжување на кризната состојба предизикана од пандемијата на корона вирусот. 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во наплив на искресност од говорницата призна дека ова што го правеле сите пратеници ги преминало границите на пристојноста во време на тешката криза и рече: „Дијалогот вроди со плод. Да не бидеме здодевни за македонската јавност. Затоа ние предлагаме да се одложат сите точки од дневниот ред и за нив да се расправа во натамошниот период“.

Што се случувало за време на координацијата во паузата остана нејасно, но резултатот е јасен – компромис беше постигнат, па затоа и опозицијата се врати во салата.

Според овој компромис, останаа само четири точки од дневниот ред – како прва, продолжението на кризната состојба и наредните три се предлог-законите за финансиска помош за физичките лица, на работодавачите да може да им се помогне во исплатата на платите и за измените во законот за данок на личен доход. 

Претходно, предлозите за овие три економски закони ги усвоија пратениците едногласно со 86 гласа „за“ и тие сега ќе одат на комисиска расправа каде што ќе можат да се поднесуваат амандмани. Забележливо беше што во салата ги немаше пратениците од албанската опозиција.

Покрај нив имаше и 25 други точки, меѓу кои и интерпелацииите за министерот за правда, Бојан Маричиќ, и за вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, како и предлог законот од ВМРО-ДПМНЕ за прекинување на пописот. А и за службата во Армијата, за кој закон координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, изјави дека му е жал што професионалните војнци ќе мора да почекаат уште некое време. Но тоа беше цената на компромисот. 

На почетокот на продолжението на седницата Собранието ги усвои оставките на Маргарита Цаца-Николовска и Гордан Калајџиев од функциите претседател и член на Советот за граѓански надзор. Откако беше прекината оваа седница, пратениците продолжија со седницата за пратенички прашања. (Н.В.)