Пратениците се вратија на расправата за нови уставни судии
По августовскиот одмор пратениците кои се членови на Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска расправаа за предлогот за уставни судии, конкретно по биографијата на кандидатот Татјана Васиќ-Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати.
На дебатата учествуваат главно пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои имаат забелешки за, како што велат, нејзината некомпетентност, нестручност и немањето искуство во правосудството. Обвинуваат дека таа како предлог од мнозинството ќе биде послушник на власта и ќе работи по нејзин диктат.
„Во Македонија се знае дека оние кои се достојни да бидат на едни вакви позиции треба да бидат угледни граѓани. Не може некој кој што менувал функција и позиција на секои шест месеци, кој ги прошетал сите министерства и бил блиско лице од доверба на секој министер наеднаш да стане уставен судија. Можеби ја знае добро администрацијата, но не може да биде уставен судија“, рече заменик координаторката на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Ели Панова.
Пратеникот Панчо Минов кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваат кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.
Претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Ѓеоргиевска изјави за МИА дека Комисијата ќе продолжи со седницата после 15 часот и по паузата ќе работат до 18 часот.
Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а покрај расправата за Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.
Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Воислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.