Пратениците расправаат дали Владата да одлучува за почетокот и крајот на учебната година

Собранието денеска во рамки на 12. седница ја усвои потребата за донесување на измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Собранието со 104 гласа „за“ и двајца воздржани ја донесе и одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.

Во образложението на законите за основно и за средно образование, министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека измените не се од голем обем и сложеност и додаде оти овие законски измени се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно- образовниот процес во текот на училишната година.

Во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи Владата, предвидуваат измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Како вонредни околности, во законите, се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на републиката или на нејзин дел.

-Се додава и нов став 5, кој уредува дека во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, зашто одлучува Владата. Ставот 6 станува став 9 и се регулира дека воспитно – образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување на вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), зашто одлучува Владата која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот, се наведува, меѓу дургото, во образложението на измените на Законот за основно образование.

Исто така се предвидува во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој. За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности се предвидува наставникот да води само евиденција за присуство на учениците, и не се издава додаток на сведителство.

Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско санитарните услови во училиштето, на начин согласно членот 50 од овој закон.

Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.

Во вакви околности, како што се предвидува, за времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование ќе одлучува исто така Владата.

На денешната седница, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара на медиумите да им се овозможи редовно да ги следат собраниските комисии. Мицевски на седницата ја пренесе реакцијата на собраниските известувачи и медиумите и смета дека во салата „Борис Трајковски“ има место за работа на одреден број новинари и сниматели, кои вршејќи си ја својата работа би ги почитивале мерките за заштита од коронавирус.

Според Мицевски, во живо треба да се пренесуваат комисиите, а не информациите во јавноста да стигнуваат со неколку часа доцнење, кога тие ќе бидат прикажани на собранискиот канал.

Претседателот на Собранието Талат Џафери објасни дека Деловникот не дозволува директно пренесување на седниците на собраниските комисии, освен седницата на Комисијата за финансирање и буџет, кога е во прашање носење на буџетот. Џафери смета дека новинарите имаат простор од каде да ги следат активностие на Собранието, но потенцира дека ќе има координативен состанок, ќе се расправа на оваа тема и ќе се бара решение.

Џафери даде пауза за да се овозможи работа на Комисијата за образование и наука и на Законодавно-правната комисија за разгледување на законите по скратена постапка. Најави дека дополнително ќе има известување кога ќе се одржи седницата.