Пратениците пред финални одлуки за законите за ЈО, за Советот на јавни обвинители, за одбрана и за распуштање на Собранието


Момент на вистината – вака накусо аналитичарите го опишуваат денешниот ден кога во Собранието се закажани три седници на кои треба да се гласа за законите за јавно обвинителство, за советот на јавни обвинители и за одбрана, а на крајот и за распуштање на овој парламентарен состав.

Почетокот на првата од трите седници (за законите за ЈО и за Советот на јавни обвинители) е најавен во 11 часот, но каква ќе биде разврската на денешниот ден во Собранието и утрово е целосна енигма, бидејќи не се знае дали се обезбедени две третини од гласовите на пратениците. Ова особено се однесува за Предлог-законот за јавно обвинителство, кој е главниот камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Овој закон не е услов за почнување на преговорите со ЕУ, но европски официјални претставници и дипломати повеќе пати изјавуваа дека е добро да се донесе со цел да се зајакне позицијата на земјата во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија и носењето одлука за почеток на преговори за пристапување кон ЕУ.

Партиските игри и калкулации изминатите денови на моменти ја вжештија дополнително ситуацијата, особено откако на социјалните мрежи генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски напиша дека не е исклучена и опцијата за формирање ново парламентарно мнозинство, доколку продолжи блокадата на постапката за усвојување на Предлог-законот за јавно обвинителство.

ДУИ, пак, донесувањето на овој закон го условуваше, меѓу другото, со измени во Изборниот законик, односно со прекројување на изборните единици. Тоа беше и направено, па со прифаќањето на овие измени, жителите на општините Дебар и Маврово-Ростуше во иднина ќе гласаат за кандидатите во петтата Изборна единица, намето во шестата како досега.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ го прифати барањето на премиерот во техничката влада, Оливер Спасовски, партијата да предложи нов министер за труд и социјална политика на местото на разрешената Рахела Мизрахи, можно е и оваа точка да се најде денес пред пратениците. ВМРО-ДПМНЕ, како што пишуваат медиумите блиски до опозициската партија, најверојатно нема да предложи нов министер, бидејќи „не бил испочитуван договорот за техничка влада од страна на СДСМ“. Сепак, засега нема официјална потврда или демант на ваквите написи.

Ако ВМРО-ДПМНЕ не предложи нов министер за труд и социјална политика, до изборите предвидени за 12 април со министерството ќе раководи Санела Шкријељ, која на местото дополнителен заменик министер дојде на предлог на СДСМ.

Изминативе денови, за време на расправата за предложените законски решенија, партиите од владејачкото мнозинство и од опозицијата разменуваа тешки зборови од собраниската говорница, обвинувајќи се меѓу себе кој е виновен за сегашната состојба во земјава.

Владејачкото мнозинство, според партиски извори, е многу блиску до обезбедување на потребните 80 гласа за донесување на законот за јавно обвинителство, но дали е навистина така, ќе покаже гласањето во Собранието.