Пратениците нема да одат во изолација, биле почитувани мерките за заштита

Ниту еден пратеник или вработен во собраниските служби нема да оди во изолација поради Ковид-19 откако беше соопштено дека двајца пратеници се позитивни на вирусот. Ова за МИА го соопшти директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов, кој рече дека во Собранието на Република Северна Македонија се почитуваат сите мерки и препораки за превенција од Ковид-19.

Пратеникот Лазе Таневски од СДСМ денеска преку својот Фејсбук профил соопшти дека е позитивен на Ковид-19, додека вчера собраниските служби информираа за пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ. Таневски правел тест за ковид бидејќи сакал да патува во странство со семејството и е во изолација во домашни услови, додека Јахоски имал зголемена телесна температура и е хоспитализиран на Инфективната клиника.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно денеска изјави дека во текот на денов ќе се знае колкумина пратеници треба да одат во самоизолација бидејќи се уште се изработуваат епидемиолошките анкети.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери не коментираат како ќе се одвива работата на законодавниот дом во наредните недели.

Џафери претходно повеќе пати предупреди дека работата на Парламентот мора да се усогласи со новите услови за работа, но тоа да се случи треба промена на Деловникот за работа на Собранаието. Владејачките партии предводени од СДСМ сметаат дека парламентот треба да има можност за онлајн-работа, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Уставот тоа не го дозволува.

Министерот за здравство Филипче денеска рече дека негова и пепорака на Комисијата за заразни болести од почетокот на кризата е секој што може да работи од дома, онлајн, тоа да го стори, а оваа препорака се однесува и на пратениците.

– Тоа е наша препорака од почетокот на кризата. Секој што може онлајн да работи од дома тоа да го направи. Впрочем, и пратениците треба да се свесни дека на тој начин го штитат нивното здравје. Нема потреба од групирање, нема потреба од преземање таков ризик. И сега поразговарав со дел од пратениците кои беа тука присутни и го препорачав истото, рече Филипче, по положувањето на свежо цвеќе пред споменикот кај зградата на Владата, по повод 11 Октомври.

Првиот вицепремиер во Владата Артан Груби изјави дека Собранието мора да започне да работи онлајн, посочувајќи дека веќе задутре Владата ќе се одржи седница преку зум-апликацијата.

-Сметам дека други институции исто така треба да имаат алтернативни начини на продолжување со својата работа, рече Груби.