Пратениците ќе расправаат за закони од образованието и за заемот од Светска банка

Собранието денеска ќе ја одржи 15. седница на која на дневен ред е Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Северна Македонија, по скратена постапка.

На седницата се и закони од образовната сфера: Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, како и дополнувањата на законите за студентскиот стандард и за ученичкиот стандард, сите по скратена постапка.

Пратениците треба да расправаат и по Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација, како и по предложените измени на Законот за заштита на укажувачи и измените и дополнувањата на законите за судските такси, за автокампови и за скијалишта, во прво читање.

Собранието треба да се произнесе и по Предлог – одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за Коронавирусот COVID-19 и спречување од негово ширење и заради висок ризик и зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државава.