Пратениците ќе го ратификуваат Северноатлантскиот договор, знамето на НАТО ќе се виори пред Собранието


Пратениците во Собранието денеска се очекува да го донесат законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој ќе стапи на сила откако и Шпанија ќе го ратификува протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Шпанија, како што е познато, поради внатрешните политички околности е последната земја членка на НАТО што го нема ратификувано овој протокол. За попладнево е предвидено и свечено кревање на знамето на НАТО пред законодавниот дом.
Свечената собраниска седница е закажана за 15 часот, со само една точка на дневниот ред: ратификацијата на протоколот.

Претходно, како што е најавено, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се сретне со претставници на парламентите на земјите во регионот-членки на НАТО – Мирослав Туѓман од Хрватска, Василика Хуси од Албанија, Цвета Карајанчева од Бугарија, Генци Ниманбегу од Црна Гора, како и со Атила Местерхази од Парламентарното Собрание на НАТО.

На собраниската седница прв ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски, а по него премиерот Оливер Спасовски, по што ќе следат обраќањата на Јован Митревски од името на пратеничката група на СДСМ, на Али Ахмети од ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ ќе говори Никола Мицевски, Нола Исмајлоска Старова од Независната пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Сурја Рашиди од Алијанса на Албанците, Африм Гаши од Алтернатива, Фадил Зендели од Беса и Мерал Ферати од ДПА.

Последен ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери, а по гласањето на законот за ратификација на Северноатланскиот договор, ќе се обрати и и Атила Местерхази од Парламентарното собрание на НАТО.

За 16 часот е предвидено да се одржи свеченост на кревање на знамето на НАТО пред Собранието.