Пратениците Емилија Ангелова и Кире Божиновски на средба со учесници на Младинскиот образовен форум


Пратениците во Собранието, Емилија Ангелова и Кире Божиновски, остварија средба со учесници на Младинскиот образовен форум (МОФ), во рамки на која беа презентирани истражувања посветени на повеќе актуелни прашања од значење за младите и нивната иднина.

Презентираните истражувања опфатија теми поврзани со дигиталната и зелената транзиција, медиумската и информациската писменост, вработувањето на младите лица со попреченост, младинската миграција, регионалната соработка во високото образование, како и учеството на младите во креирањето на јавните политики.

Средбата претставуваше можност за запознавање со наодите и согледувањата од истражувањата, како и за размена на мислења за предизвиците со кои се соочуваат младите и можностите за нивно поактивно вклучување во општествените процеси. Посебно значење има отворањето на прашањата за подобрување на можностите за образование и вработување, унапредување на младинското учество и создавање услови за младите да ги остварат своите потенцијали во земјата.

Ваквите средби придонесуваат за зајакнување на дијалогот меѓу младите и избраните претставници, размена на релевантни информации и согледувања, како и поголемо препознавање на потребите и приоритетите на младите при креирањето политики од јавен интерес.