Пратениците дадоа виза за работа на моловите во неделите


Собранието денеска во рамки на 59-та седница со 59 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас „против“ го донесе Дополнетиот закон за изменување и дополнување на Законот за трговија. Со членот 4 од овој Закон се уредува работното време во трговијата во недела и на празници, заедно со утврдување на исклучоците во трговијата на мало за кои ќе биде дозволено работа во недела и на празници.

Во овој член меѓу другот се предвидува продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно станбени згради не можат да почнат со работа пред 06,00 часот и мора да завршат со работа до 23,00 часот.

Што се однесува до работењето во неделите, во усвоените законски измени стои дека трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно закон (во понатамошниот текст: празници).

Но, предвидени се и бројни исклучоци. Така, по исклучок од  став 4 на овој член, трговијата на мало може да се врши:во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност; во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши  трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун; во продавници, киосци и штандови во  трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од  8.000 м2; на  штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани,  фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела; во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата; и на зелени пазари.

За работниците кај трговците на мало од ставот 5 на овој член, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, согласно закон.

Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.

За трговците на мало  од став 5 точки 2) и 3) на овој член се утврдува надоместок во висина од 2 отсто од вкупниот приход остварен во претходната година во  недела и на празници, кои средства ќе се инвестираат во детски градинки согласно закон.

За продавниците на бензиските станици  од став 5 точка 2) на овој член за остварен приход ќе се смета само приходот остварен од продажба на храна, пијалоци и тутун, без прометот од продажбата на нафтени деривати.

Надоместокот од став 7 на овој член се уплаќа секоја година до 15 јануари во тековната година на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија согласно закон.

Инаку за време на денешната собраниска седница Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка рече дека на 23 декември 2021 година не се дозволило да се одржат пратенички прашања. Не убедувате, како што рече, дека Владата е во оставка и така вели и член 93, став 5 од Уставот.

– Ние имаме Влада во оставка која продолжува да функциниора, а единственото за што оваа Влада, според вашето толкување не смее да го прави е да одговара на прашањата на пратениците од опозицијата, рече Мицевски.

Тој најави дека во текот на денешниот ден како пратеничка група ќе поднесат потписи за свикување нова седница, а тоа е одржување пратенички прашања на 30 декември 2021 година или последниот четврток во месецот.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери образложи дека Владата во моментот кога е во оставка, Собранието констатира престанок на мандат и Владата не може да кореспондира со Собранието. Тој појасни дела на седница за поставување пратенички прашања обврска е да присуствува премиерот, кој нема мандат, како што нема ниту еден од министрите. Членовите на Влада немаат мандат, а Владата не може да ја претставува заменик-министер.

Пред усвојување на дневниот ред, пратеничката Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ побара дополнување на Дневниот ред со информација за состојба во енергетскиот сектор. Таа нагласи дека неколку месеци предупредувале оти ќе дојде до оваа состојба во енергетскиот сектор, а власта ги убедувала и граѓаните дека се е под контрола, нема проблеми, дека опозицијата шири лажни вести и паника.

Таа повика во услови кога, како што рече, „се најавени отпуштања на вработени во РЕК „Битола““, да се прифати точката, да се направи пауза и да се обезбеди материјал бидејќи, според неа, „вработените во РЕК „Битола“ се во паника“. Ангелевска смета дека премиерот во оставка Зоран Заев и новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски треба да одговораат за состојбата во која се наоѓа енергетскиот сектор. Таа додаде и дека сакале за ова да прашаат и на минатата седница предвидена за пратенички прашања. Џафери рече дека според Деловникот, предлогот не може да се стави на гласање.

Пратениците на седницата констатираа дека не се оправдани и нема потреба од автентично толкување на член 34 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со член 46, став 1, алинеја 6, поднесено од градоначалникот на Општина Карпош. Пратениците констатираа дека не е оправдано и нема потреба од автентично толкување ниту на членот 11-б, став 12 од Законот за пожарникарство, поднесен од Антонијо Милошоски. Исто така, според нив, не е опрвадано и нема потреба од давање автентично толкување на за член 53 став 2 од Законот за денационализација, поднесен од Исмаил Јахоски.