Праизведба на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Театарот за деца и младинци


На сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје вечерва од 19 часот ќе се случи праизведба на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на светски познатата авторка Астрид Линдгрен, а во режија на Јакуб Максимов од Чешка.

Како што информираат од Театарот за деца и младинци, станува збор за текст што до сега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во нашата земја.

– Роња од Астрид Линдгрен е навистина ќерка на еден ограбувач – таа е дива, своеглава и од ништо не се плаши. Приказната за неа е полна со акција па затоа природно ни дојде да ја адаптираме во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека таа расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители, посочува режисерот на претставата Јакуб Максимов.

Според директорката на Театарот, Катарина Илиевска Силјановска, претставата ќе донесе оригинална свежина во репертоарот. Во самата претстава актерите играат, водат кукли, пеат, свират и колективно создаваат едно оригинално сценско дело.

Драматизацијата за претставата е на Горјан Милошевски, кој вели дека и покрај тоа што има ограбувачи и во самиот наслов на ова дело, сепак е приказна што во голем дел се фокусира на две необични детства.

– Тие две деца покажуваат колку е битно да се градат и оддржуваат „мостови“ во животот. Екипата е меѓународна и тоа дава сосема поинаква слика, спој од германска прецизност што постои кај Јакуб и балкански дух кај македонскиот дел, вели Милошевски.

Во претставата играат Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска – Силјановска, Петар Стојанов и Мики Анчевски.

Сценографијата за претставата, дизајнот на куклите, маските, костимите и дизајнот на плакатот и брошурата е авторско дело на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е гостинот Лазар Новков од Србија.

Првата реприза на претставата наменета за деца над шест години е закажана за 27 декември 2022 од 19 часот.