Само ППС од Грција испратила комплетна понуда за хидролектраната „Чебрен“

Грчката државна компанија за производство на енергија ППС (или ДЕИ) е компанијата која до Министерството за животна средина и просторно планирање испрати комплетна понуда за доделување концесија за користење на водата на Црна Река. На јавниот повик освен од оваа компанија, пристигна понуда и од компанијата „ЕДФ“ од Франција која е необврзувачка и не ја доставила бараната гаранција за учество во постапката. Крајниот рок за доставување на понудите за проектот беше до денеска до 11 часот, а постапката започна на 17 јануари оваа година.
ППС, која постои од 1950 година, сака до 2030 година да стане лидер на енергетскиот пазар во југоисточна Европа, изјави лани нејзиниот директор за Блумберг. Изградбата на „Чебрен“ е стожер во овие планови, а компанијата веќе гледа да ја прошири дејноста и во Бугарија, Романија и Србија за натамошни инвестиции. Таа беше компанијата што прва во светот постави фарма на ветерници во 1982 година на островот Китнос.
Надлежната комисија во Министерството ќе има 60 дена да евалуира и да даде извештај на Влада за понудата, а како што изјави Нуредини на денешната прес-конференција, постапката ќе биде транспарентна. Се очекува во првата половина на 2023 година да се потпише договор со успешна евалуација.
Министерот додаде дека изборот на приватен партнер се очекува да се случи до крајот на првата половина на 2023 година, по што би започнала изградбата на ХЕЦ „Чебрен“, од која ќе треба да се произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати.
„Овој ден го сметам за историски ден за нашиот енергетски сектор и воопшто за иднината на државата, имајќи ги предвид случувањата со енергетската криза и последиците од недостигот на електрична енергија на глобално ниво, при што генерално државите се ориентираат кон искористувањето на домашните капацитети. Во текот на целиот процес, ние како Влада бевме максимално посветени овој проект да успее, особено затоа што зад нас имавме 13 неуспешни обиди во текот на 20 години“, рече Нуредини.
Од таа причина, како што рече, посебно внимание посветиле на добро проектирање на условите, при што имале слух за потребите на понудувачите, нивните забелешки во текот на процесот како и за потребата за продолжување на роковите за легализација на проектот поради ковид кризата
„Овие хидроцентрали ќе бидат со можност за давање на секундарна регулација или т.н. балансна енергија што има своја вредност во привлекување на инвеститори. Втора работа е што проектот ќе се изведува по принцип на јавно приватно партнерство, каде АД Електрани на Северна Македонија ќе биде јавниот партнер. Северна Македонија денес се препозна како стабилна земја за инвестирање, за што доказ се и денешните пристигнати понуди. Ако се земе предвид дека инвестициите во енергетиката се исплатливи на подолг рок, инвеститорите се секогаш заинтересирани проектите во енергетиката да ги реализираат во стабилни земји“, додаде министерот.
Како што посочи, во согласност со реалната динамика на изведување на работите за вакви проекти, првото производство се очекува да биде по 2028/9 година.