Постигнат договор за компензација за убиените во масакрот на Олимпијадата во Минхен

Се очекува германскиот претседател да се извини за нападот во 1972 во кој загинаа 11 Израелци


Меморијална плоча за убиентите 11 Израелци и еден германски полицаец

 

Членовите на семејствата на жртвите од масакрот на Олимпијадата во Минхен во 1972 година постигнаа договор со германската влада за исплата на компензација, само неколку дена пред церемонијата на 50-годишнината од злосторството на 5 септември, која семејствата планираа да ја бојкотираат.

„Владата го поздравува фактот што беше можно да се договори со роднините за севкупниот концепт за 50-годишнината“, рече во средата портпаролот на канцеларот Олаф Шолц, Штефен Хебестрајт.

Според аранжманот, рече Хебестрејт, историските досиеја за настаните од 5 септември 1972 година, во кои беа убиени 11 Израелци, ќе бидат ослободени и на нив ќе работи комисија од германски и израелски историчари, а ќе има дополнителни „плаќања за признавање“ од страна на федералната влада, баварската покраина и градот Минхен.

Весникот „Зидојче цајтунг“ во вторникот објави дека семејствата ќе добијат дополнителни 28 милиони евра (24 милиони фунти).

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, исто така, се очекува да стане првиот официјален германски претставник кој ќе се извини поради безбедносните пропусти на Игрите во 1972 година, објави весникот.

„Договорот не може да ги залечи сите рани“, рече Штајнмаер во изјавата во средата. „Но, тоа отвора врата“. Израелскиот информативен портал Ynet објави дека семејствата сигнализирале дека имаат намера да ја прифатат понудата.

Единаесет израелски спортисти беа убиени од палестинската милитантна организација „Црн септември“ на 5 септември 1972 година. Еден западногермански полицаец и петмина од киднаперите беа убиени за време на престрелката во воздухопловната база Фирстенфелдбрук.

Германските власти подоцна беа критикувани за недостигот на безбедносни мерки и за нивното справување со заложничката ситуација, која вклучуваше распоредување на полицајци без специјалистичка обука за снајпер и прекин на планираната заседа откако стана јасно дека киднаперите можат да ги следат полициските подготовки на телевизија во живо.

Поради ограничувањата во повоениот устав на Германија, на армијата не ѝ беше дозволено да биде ангажирана дома за време на мир. Специјализираниот огранок за борба против тероризмот на германската полиција, GSG 9, беше основан дури по масакрот.

Во последните недели, германската влада, наводно, им понудила на роднините на жртвите од 10 милиони евра, минус 4,6 милиони евра веќе платени за хуманитарна помош во 1972 и 2002 година.

Анки Шпицер, вдовица на израелскиот тренер за мечување Андре Шпицер и еден од портпаролите на семејствата, ја опиша понудата како „шега, навреда“ и вети дека ќе ја бојкотира комеморативната церемонија, повикувајќи го и израелскиот претседател Исак Херцог да држи се настрана од настанот во Минхен.

„Ако не платат компензација според меѓународните стандарди, ние воопшто нема да дојдеме“, изјави Шпицер за „Шпигел“. Таа рече дека семејствата на жртвите ќе учествуваат на меморијалниот настан во Израел на 21 септември, 50-годишнината од масакрот според хебрејскиот календар.

Сепак, еден од роднините на жртвите ја критикуваше Шпицер за фокусирање на нивниот спор на финансиски прашања. „Условувањето на нивното учество на настанот со зголемено обесштетување од страна на Германците и туркањето на финансиското прашање на прв план на дискурсот им штети на паметењето и достоинството на убиените“, рече Ејал Шапира, син на починатиот атлетски тренер Амицур Шапира.

Во германските официјални кругови, постоеше загриженост дека секоја исплата на компензација во врска со масакрот мора да остане пропорционална со слични исплати. Семејствата на жртвите од нападот во 2016 година на божиќниот пазар Брајтшајдплац во Берлин, во кој загинаа 12 лица, а најмалку 67 беа повредени, добија отштета од околу 3,8 милиони евра.

Адвокатите кои ги застапуваат израелските семејства го наведоа справувањето со бомбашкиот напад во Локерби во 1988 година, по што беше платена компензација од 10 милиони долари  по жртва. Меѓутоа, во тој пример, отштетата ја плати Либија, чија влада ја прифати одговорноста за бомбардирањето. (Гардијан)