Познатиот руски опозициски политичар Илја Јашин приведен во Москва


 

Истакнатиот руски опозициски политичар Илја Јашин беше приведен во Москва во понеделникот (27 јуни), објавија адвокатот на опозициските фигури и руски новинар на нивните профили на социјалните мрежи.

Ирина Баблојан, новинарка и водителка на сега веќе непостоечката радио станица Ехо Москва, рече дека Јашин бил приведен додека двајцата се шетале заедно.

„Се шетав со мојот пријател, Илја Јашин, во паркот… Полицијата дојде и го одведе Илја“, рече Баблојан на апликацијата за пораки Телеграм.

Адвокатот Вадим Прохоров, кој застапуваше многу руски опозициски фигури, исто така рече дека Јашин е во полициски притвор поради наводна административна повреда дека бил непослушен кон полицаец.

„Не ми е дозволено да го посетам полицискиот оддел Лужники (во Москва) за (да го видам) приведениот Илја Јашин“, рече тој на својата Фејсбук страница.

Од руските власти нема официјална потврда за приведувањето.

Притворот на Јашин е последниот акт во пошироката и долготрајна акција против опонентите на Кремљ. Опозицискиот политичар Алексеј Навални е најпознатиот критичар на Кремљ кој е во затвор, отслужувајќи единаесет и пол години затвор.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, илјадници луѓе беа приведени на протести во десетици градови низ Русија.

Јашин, општински советник за московската област Красноселски, е отворен критичар на војната која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“.

„Останувам во Русија“, напиша Јашин на Твитер на 7 март „Сум кажал и претходно и постојано повторувам: Русите и Украинците не треба да се убиваат меѓусебно. Ако ми е судено да завршам во затвор поради антивоени говори, тоа достоинствено ќе го прифатам“. (Ројтерс)