Познати добитниците на наградите на третиот Меѓународен фестивал на краток филм „ФИЛМАЈ 2021“


Познати се добитниците на наградите од третиот Меѓународен фестивал на краток филм, „Филмај 2021“ Куманово, соопштија денеска од кумановскиот Фото-кино клубот „Козјак“.

Наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија ја доби Азадех Мусави за иранскиот филм „The Visit“ , наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра фотографија/кинематографија му припадна за Питер-Јан Клесенс за филмот „Da Yie“ од Гана, наградата „Козјак“ за најдобро сценарио за Али Асгари и Фарнуш Самади за иранскиот филм „Witness“, наградата за најдобар домашен (македонски) филм за „Неонски срца“ во режија на Ана Јакимска.

За наградите решаваше тричленото жири во состав Лидија Мојсовска (режисер/сценарист), Наум Доксевски (кинематограф) и Дејан Ангеловски (фотограф). Организаторот дополнително ќе ја објави листата со официјално одбраните филмови за прикажување на фестивалот.

– Со оглед на моменталните безбедносни и здравствени услови, фестивалската вечер, првично замислена да се случи при крајот на мај е планирана да се реализира во септември 2021. Оваа одлука е заснована на искрена желба и страст на организаторот да овозможи потполно кино фестивалско искуство, со бројна публика присутна во проекциона сала, соопштија организаторите.