Познати деталите од Протоколот со Бугарија
Содржина на протоколот утре ќе биде финализирана и потпишана од министрите Бујар Османи и Теодора Генчовска, како записник од меѓувладина конференција која ќе се одржи во Софија. Делот со реципроцитет за обврски за двете држави го опфаќа и делот околу борбата против говорот на омраза.
Предвидено е заедничко чествување на историски ликови и настани, како и промена на учебници, но за сите такви промени ќе одлучува мешовитата историска комисија, и притоа за промените ќе треба да се согласат сите седуммина нејзини членови. За работата на историската комисија не се поставени рокови, туку има само охрабрување научниците што побрзо да ја завршат работата за средновековниот период.
За Самуиловото царство ќе се користи формулацијата која веќе е договорена од историчарите во комисијата. Уставните измени се содржани во предлог-протоколот со формулација „припадници на други народи, како што е бугарскиот народ“.
Обврската за менување на Уставот преку оваа дефиниција останува услов за првата меѓувладина конференција пред отворање на поглавјата од пристапните преговори.
Текстот на протоколот ќе биде објавен утре, по потпишувањето, бидејќи Османи и Генчовска имале таков „џентлменски договор“.