Познат во светот, Македонија сега го открива: Изложба на Синиша Кашавелски во Велес


Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба на академскиот сликар Синиша Кашавелски од Куманово насловена „Воодушевувачки впечатоци: Колекцијата Енигма.

Како што појасни еден од промоторите Елица Николова, историчар на уметноста и виш кустос во Народниот музеј, преку малиот сегмент на 10 дела Кашавелски ја претставува мистеријата од неговиот внатрешен свет.

– Ни дозволува да влеземе во неговиот мистичен уметнички свет и преку сликите на внесува во светот на симболите, загатките и емоциите преку уникатните уметнички дела, појасни Николова, додавајќи дека од самиот почеток на уметничката кариера Кашавелски се определува да го следи надреализмот како правец, а подоцна почнува да внесува елементи од нашата традиција. Во неговите дела, како што посочи Николова, фигурира и мистеријата на женскиот дуг и тело. 

Александар Јовановски, академски уметник oд Велес, кој студирал заедно со Кашалевски во Париз, потсети дека живееме во време во кое исчезнуваат вистинските вредности. Тој потсети дека алчноста и зависта ги отргнува луѓето, порачувајќи дека е потребна хуманист бидејќи без неа светот ќе остане празен и безнадежен.

Кашавелски за МИА информира дека изложбата е мала ретроспектива за 10 години творештво, по последната негова изложба во земјава во 2014 година. 

– За сликите во принцип многу не зборувам, тие треба да се видат. Сликите се големи – галериски формати по некои светски стандарди затоа што излагав во Кина, Франција каде има големи музејски простори и по принцип бараат поголеми слики, појасни Кашавелски.

На сликите од оваа колекција ја сликал ќерката Вања и претставено е нејзиното созревање од тинејџерски години до возрасни години.

Кашавелски е добитник на престижни светски награди и признанија. Најновото признание кое уметникот го доби деновиве е специјалната награда Artelibre на ModPortrait Contest, а награденото дело оди на изложбата на финалистите на Европскиот музеј за модерна уметност MEAM во Шпанија.

– Оваа награди многу значи бидејќи е најрангирана во светот на областа на реализмот, а ја добив во светска конкуренција на пет-шест илјади уметници од 80 земји. Оваа награда ме рангира меѓу Топ 10 реалисти во светот, што многу ми значи, изјави Кашавелски.

Изложбата на Кашавелски, по  Куманово, Кавадарци и Велес, во април годинава ќе биде претставена и во САД и во Швајцарија, а кон крајот на годината и во Кина и Азија.