Познат терминот кога Ѓоковиќ ќе брка злато на ЛОИ во Париз


Финалето во поединечна конкуренција во тенис на Олимписките игри во Париз што е на програмата в недела во 14 часот ќе биде историско и секако запишано во аналите на најголемата светска спортска манифестација.

Прогнозите пред почетокот на Игрите беа дека за трофејот ќе се борат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, а еден од нив в недела секако ќе собори рекорд. Ако триумфира Ѓоковиќ, со 37 години и два месеца ќе стане највозразен, а ако победи Алкараз, со 21 година и 3 месеци ќе стане најмлад освојувач на златниот медал во оваа конкуренција на Олимписките игри.

Моменталниот рекорд за најмлад олимписки шампион во тенис го држи Швајцарецот, Марк Росе од Барселона 1992 кога триумфираше со 21 година и 9 месеци, додека највозрасен е Енди Мареј кој во Рио де Жанеиро 2016 триумфираше со 29 години и 3 месеци.

Двајцата неодамна играа на „Вимблдон“, а токму во тоа финале Ѓоковиќ загуби од младиот Шпанец.

Сепак, оттогаш работите се променија бидејќи српскиот ас се опорави од повредата на коленото и се претставува многу подобро на теренот отколку пред еден месец.

-И тој и јас сме во финалето без загубен сет, двајцата играме одличен тенис. Веројатно Карлос е благ фаворит, поради неговите неодамнешни резултати. Ги освои Ролан Гарос и Вимблдон, порасна на земјена подлога, тоа му е омилена подлога, иако игра добро на сите. Бев благословен и со способноста да се прилагодувам на противниците и условите. Единствениот пат кога игравме овде беше минатата година, го победив во полуфиналето, но од тогаш многу нешта се сменија. Да, Карлос доминираше во финалето на Вимблдон, но јас сум сосема поинаков играч од пред три недели. Се движам подобро, играм подобро и имам поголеми шанси. Нема јасен фаворит, но веројатно тој е благ, изјави Новак Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ на париска земјена подлога го совлада Алкараз, но последниот дуел му припадна на Шпанецот. Сепак, српскиот ас не сакаше да се навраќа на минатото.

-Не би сакал да се занимавам со минатото, секој натпревар е приказна сам за себе. Во финалето ќе пристапам со најголема можна желба да и донесам злато на Србија. Исто така, најголемиот предизвик на овој турнир, воопшто во тенисот, е да се игра против Карлос во финалето. Го победив на големи натпревари, знам што треба да направам, се чувствувам добро, ако излезам со врвна игра имам шанси, додаде Ѓоковиќ.