Пожарот во штипскиот магацин за детски играчки ставен под контрола


Пожарот во магацинот со детски играчки на компанијата „Андреј компани“, кој е лоциран во близина на штипската приградска населба „Три чешми“ е ставен под контрола.

Командирот на Територијалната противпожарна единица на Штип, Дарко Коцев за МИА вели дека околу 80 проценти пожарот е локализиран, а во моментот, пожарникарите работат на негово целосно гаснење.

– Објектот е опколен со пет возила и 25 пожарникари, од кои 20 се штипски, а петмина се од Кочани и Свети Николе. Објектот постојано се лади, со цел да не се прошири огнот на останатите објекти, изјави Коцев.

Направена е голема материјална штета, а на увид излезе и полицијата. Гаснењето се одвиваше непрекинато четири часа. Според првичните изјави од вработените дадени на пожарникарите во дојавата, пожарот настанал од запалено ѓубре во близина на магацинот, по што поради силниот ветар се раширил во самиот објект. Вработените се евакуирани навреме.