Пожарот во Грција гори втор ден, изгоре 20 км шума
Пожарот кој ги зафати планините над Коринтскиот залив во Грција и денеска годи, втор ден по ред, поттикнат од силниот ветар.
Поради огнената стихија стотици луѓе мораа да бидат евакуирани.
Во текот на целата вечер спасувачите и пожарникарите ја продолжија борбата против првиот поголем пожар во сезоната кој веќе уништи 20 километри шума, пренесе грчката цивилна заштита.
Од рано утро денеска 12 авиони и три хеликоптери продолжија со операцијата на гасење, а 278 пошарникари со 89 противпожарни возила распоредени се на местото на пожарот, пренесуваат пожарникарите.
Засега нема пријавени жртви, но евакуирани се 17 населби и два православни манастири, наведоа од противпожарната служба.
Стотици луѓе се евакуирани од претпазливост, рече синоќа помошникот министер за цивилна заштита, Никос Хардалијас.
Шефот на пожарникарите утрово на јавната телевизија ЕРТ рече дека целта е да се формира фронт за пожарот да не се прошири кон Мегара, крајбрежно место со околу 30.000 жители кое се наоѓа на 40 км од Атина.
Пожарот изби во средата навечер околу 70 км западно од Атина, кај летувалиштето Лутраки. Огнот гореше цела ноч во крајбрежето каде има бројни викендици.
Цивилната заштита ноќеска во текот на целата ноч праќаше СМС пораки повикувајќи ги мештаните веднаш да се евакуираат покрај брегот, заради претпазливост.
Густ чад се шири над главниот град Атина и други делови на југот од Грција.
Пожарите во Грција се чести во топлите летни месеци. Во пожарот кој во јули 2018 година ги зафати крајбрежните делови околу одморалиштето Мати, источно од Атина, загинаа 102 лица.