Пожарот во Дрисла бил подметнат, за тие што ширеа лажни вести ќе има пријави


Пожарот утрово во Дрисла бил подметнат, соопштија од јавното претпријатие кое ја менаџира депонијата. Од таму исто така апелираа да не се злоупотребуваат  слобода на говорот и јавното информирање за ширење на лажни вести и невистини по социјалните мрежи  кои предизвикуваат  паника кај локалното население во смисла дека депонијата Дрисла ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето, како што се случи денес во раните утрински часови.

„Ситуацијата е ставена под контрола од страна на вработените на Дрисла со помош на пожарникарски служби. Пожарот е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности. Од страна на полицијата направен е увид и записник и истата ќе постапува согласно своите ингеренции. Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата кои шират лаги и дезинформации за депонијата Дрисла, од страна на претпријатието ќе бидат покренати соодветни постапки“, се наведува во реакцијата од Дрисла.

Оттаму додаваат дека ЈП депонија Дрисла е единствена санитарна депонија во државата која работи согласно А – интегрирана дозвола и своите работни активноси ги извршува согласно сите законски прописи за управување со отпад и заштита на животната средина. Истовремено е под целосна контрола и мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина.