Пожарот на Илинска Планина под контрола, на Галичица огнот се шири кон Стење и се слушаат експлозии


Фото: Б. Грданоски

Пожарот на Илинска Планина, што се простира на подрачјата на општините Демир Хисар и Охрид е под контрола и на некои места има чад во веќе опожарениот дел кој не претставува опасност.

Во текот на вчерапниот ден на терен имало четворица вработени од ЈП НШ „Бигла“ Демир Хисар, кои во 18 часот се повлекле, како и тројца вработени од ЈП НШ „Галичица“ Охрид. Исто така на охридската страна, направени се заштитни појаси со машина од ЈП НШ, информира Центарот за управување со кризи – ЦУК.

Регионалниот ЦУК Охрид, известува дека пожарот на планината Галичица е активен на преспанска страна и се шири кон с.Стење, Општина Ресен. Во гаснењето учествуваат екипи на НП Галичица и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Според известувањето на ТППЕ Ресен, се слушале и експлозии од куршуми и неексплодирани средства кои потекнуваат од периодот на Првата светска војна, соопшти ЦУК.

Во Општина Струга од околу 14.10 часот, започнат е пожар на ниска вегетација кај с.Долна Белица, кој подоцна се проширил кон селата Октиси и Велешта и истиот бил излезен од контрола и проширен кон шума.

Интервенирале со тројца пожарникари и едно противпожарно возило, но подоцна се приклучиле и други екипи, како и месно население. Според информациите од ТППЕ пожарот е ставен под контрола околу 1:45 часот, а сè уште гори депонијата во с.Октиси, поради што во 6.30 часот испратена е екипа од ТППЕ Струга на интервенција, известува ЦУК.

Регионалниот ЦУК Битола, известува дека вчера од 10:30 часот е започнат пожар на ниска вегетација во многу непристапен карпест и каменест терен кој тешко се гасни од земја, во атарот на с.Полог (Општина Новаци). Пожарот има голем фронт и се шири во правец кон селата Скочивир, Грумази и Сливица. Во текот на денот интервенирале ТППЕ Битола со 2 пожарникара и 1 ПП возило и 9 вработени од ЈП НШ „Кајмакчалан“ Битола. Во 23.00 часот дополнително биле испратени 3 пожарникари со 1 ПП возило во с.Скочивир, додека во 04.40 часот 2 пожарникара со 1 ПП возило кај Манастирот во с.Сливица. ЈП НШ се повлекле од терен во 18:00 часот и истите ќе бидат ангажирани во раните утрински часови.

Во Општина Македонски Брод, пожарот кај с.Тажево кон с.Брезница е активен. На терен во текот на денот интервенирале ТППЕ Македонски Брод, 40 припадници на Унгарските специјални сили и 25 лица од Специјалните сили на МВР. Се интервенираше и до воздух со 1 хеликоптер и 6 „ер трактори“.
 
Во Општина Кичево, пожарот штона ден 07.08.2024 година започна кај с.Челопеци се прошири кон с.Бигор Доленци е активен и истиот е на тешко пристапен терен. Во текот на денот интервенирале 3 вработени во ЈП НШ „Лопушник“ Кичево и 50 војници од Армијата. Исто така во попладневните часови интервенираше и воздухоплов на Армијата. 
 
Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека преку Единствениот повикувачки број за итни повици 112, во 22.49 часот добиена е пријава за пожар. Од страна на РЦУК Скопје известени се БППЗ на град Скопје, ЈП „Национални шуми“, подружница „Караџица“ од Скопје и лицето за контакт од ЕЛС Сарај. Од страна на комунален инспектор од ЕЛС Сарај добиле информација дека пожарот е во околината над односно зад с.Ласкарце накај с.Паничари и дека таму нема да може да интервенира ТППЕ, туку би требало да се интервенира од воздух. Утрово известуваат дека БППЗ немаат информација дали пожарот е активен, додека од Општина Сарај не можат да ги добијат за комуникација, за да се провери информацијата дали овој пожар е активен.