Пожарот кај „Порцеланка“ сопрен пред цистерните со гас, изгасен и оној на Пелистер


Пожарот кај велешка „Порцеланка“ е сопрен, пред да дојде до поголема хаварија, затоа што во кругот имаше цистерни со гас, соопштија од ЦУК. Од таму информираа и дека изгасен е пожарот на пелистер.

– Благодарение на брзата и пожртвувана реакција на храбрите велешки пожарникари избегната е голема трагедија во кругот на поранешна велешка Порцеланка. Огнот беше сопрен на само стотина метри оддалеченост од цистерни и склад со повеќе од 80 тона плин – информираа од ЦУК.

Претходно соопштија и дека пожарот кај Битола на Пелистер е целосно изгаснат од страна на битолските пожарникари со подршка на хрватскиот „канадер“ и два „ер трактори“ на ДЗС. 

Дождот не го изгасна пожарот на планината Огражден, гори на неколку места

 Пожарот на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, кој избувна пред десет денови, не го изгасна ниту дождот кој вчера попладне го зафати овој регион.

Според информацијата од командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, по денешната утринска проверка, виделе дека гори на неколку места.

-И покрај силниот дожд од вчера пожарот не е изгаснат, иако мислевме дека денеска ќе можеме да констатираме дека пожарот на Огражден е веќе зад нас. Активен е на неколку места и денеска очекуваме повторно да се гасне од воздух. Сметам дека ќе успееме да ги изгаснеме неколкуте жаришта и целосно да го ликвидираме, рече Гудев.

Инаку, според информациите од ЦУК изгорена е дабова и борова шума на површина од околу 700 хектари. Екипа на ТППЕ Струмица го контролира и изгаснатиот пожар меѓу селата Водоча и Вељуса во Струмичко, кој избувна вчера и зафати голема површина и притоа изгореа три викендици, а за чие гаснење беа ангажирани сите капацитети на струмичките пожарникари.