Пожарникарите го одбележаа Денот на пожарникарството во вонредни околности


Фото: Б. Грданоски - архива

Противпожарните служби во државата денеска во вонредни околности поради пандемијата со КОВИД -19 го одбележуваа 20 Мај – Денот на пожарникарството.

Во кругот на станицата на противпожарната бригада во Автокоманда, скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави доопремување на Територијалната противпожарна единица со нова противпожарна скала. Во тек е и постапката за набавка на три нови противпожарни возила.

–  Ова се само дел од тековните потреби на Противпожарната бригада. Знаеме дека на Бригадата за противпожарна бригада и е потребна нова опрема согласно европските стандарди и затоа во континуитет вложуваме во овој потенцијал. Бригадата за противпожарна заштита од минатата година е побогата со 29 нови пожарникари, а работиме и на тоа да обезбедиме нови вработувања и годинава, иако овој процес заради изборите и поради епидемијата е малку забавен, рече Шилегов.

Додаде дека се работи и на конечното регулирање на прекувремените саати и на надминување на проблемите дефинирани од синдикалните организации на пожарникарите.

– Со секое вложување во техничката опрема и човечките капацитети во Противпожарната бригада работиме на создавање на услови за поголема безбедност на граѓаните. Заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за нашето Скопје, секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, а без вас ова е невозможна мисија.  Вие сте хероите на градот, нашата гордост и гаранција за нашиот безбеден живот. Продолжете во таа насока за нашето Скопје, за секој од нас поединечно, порача Шилегов.

Како дел од модернизацијата на противпожарната единица на Скопје е и заменетата 35 години аналогна централа со нова дигитална централа.

Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски честитајќи им го на своите колеги денешниот ден порача дека пожарникарите остануваат посветени на потребите на граѓаните.