Пожарите во Грција излегоа од контрола (видео)


Евакуација на луѓе со траекти од грчкиот остров Евиа

Пожарникар доброволец загина во пожар што го загрози најважниот национален парк во грчката престолнина, а најмалку 20 лица се повредени во пожарите за време на најлошиот топлотен бран во земјата во последните 30 години, со температури до 45 степени Целзиусови.

Илјадници жители и туристи побегнаа од пламените јазици по копно и море. Пожарите кои не можеа да се контролираат во саботата изгореа домови, фарми и бизниси во Грција, додека малите траекти евакуираа 1.153 луѓе од приморско село и плажи на островот Евија.

Пријавени се повеќе од 150 пожари, а во северните периферии на Атина се бараше од луѓето да се евакуираат.

38-годишен доброволен пожарникар во Атина загина откако се здоби со повреда на главата од паѓање на телеграфски столб во предградието Ипократеос Политеја.

Најмалку 20 лица бараа третман низ целата земја, вклучително и двајца пожарникари кои беа на интензивна нега.

По пробивањето низ шумите и куќите во близина на главниот резервоар за вода во главниот град, пламенот се приближи до националниот парк „Парнита“, една од последните преостанати големи шуми во регионот Атина.

Уште еден пожар го зафати грчкиот регион Мани на Пелопонез во саботата, каде што заменик-градоначалникот на Источен Мани, Елени Дракулаку, се заложи за поголема поддршка од авионите што испуштаат вода, кои се борат да летаат ноќе, и изјави за државниот радиодифузер ЕРТ дека 70% од нејзината област била уништена.

„Тоа е библиска катастрофа. Зборуваме за три четвртини од општината“, рече таа.

Пеколите, поттикнати од ветровите што често го менуваа правецот во петокот, станаа неконтролирани за Грција. Гаснењето сега го помагаат пожарникари и специјални авиони од Франција, Украина, Кипар, Хрватска, Шведска и Израел. Во саботата се очекуваше да пристигне поголема помош од Швајцарија и Романија.

Шефот за цивилна заштита, Никос Хардалијас, говорејќи за време на брифингот во петокот вечерта, рече дека пожарникарите се соочиле со „исклучително опасни, невидени услови“, бидејќи се бореле со 154 пожари оваа недела, од кои 64 сѐ уште гореа во текот на ноќта.

„Во изминатите неколку дена, ние се соочувавме со ситуација без преседан во нашата земја, во интензитетот и широката дистрибуција на пожарите“, рече тој. „Сакам да ве уверам дека сите расположливи сили учествуваат во борбата“.

Иако шумските пожари се вообичаена појава во Грција и другите земји во Средоземното Море во екот на летото, грчките и претставниците на ЕУ изразија загриженост поради климатската криза што го влошува проблемот.

Причините за катастрофалните пожари во Грција сѐ уште се испитуваат. Хардалијас рече дека три лица биле уапсени во петокот во поголемата област на Атина и централна и јужна Грција под сомнение дека започнале пожари, во два случаи намерно.