Пожарите во државата под контрола, продолжуваат акциите за гасење во Сарај и Центар Жупа


Надлежните институции и служби веќе две недели активно се справуваат со пожарите на повеќе локации во државата. Освен органите на државната управа во справување со пожарите се вклучени и странски експертски екипи за пожари.  Француските експерти во изминатите денови од блиску го следат пожарот кај село Раовиќ, во Општина Сарај, кој според Центарот за управување со кризи (ЦУК), е активен и после осумдневно активно постапување на домашните и странските хеликоптерските служби.  На помош на единиците на МВР и француските експерти вчера се приклучил и хеликоптер од Црна Гора, кој извршил 12 налета испуштајќи поголема количина на вода. За институциите главен проблем за целосно гасење на овој пожар претставува повеќеметарско одалечено повторно потпалување, односно тлење.

Друг поголем активен пожар во државата веќе втор ден има во околината на Општина Центар Жупа. Од овие причина денеска наутро во координација на Главниот штаб на ЦУК, ќе бидат активирани два хеликоптера, 40 припадници на Армијата, 30 припадници на специјалните полициски сили, 15 припадници на ЈП Национални шуми, како и две територијални против пожарни единици и еден тим на Дирекцијата за заштита и спасување да помогнат во справувањето и ставањето под контрола.

Меѓу останатите, во тек на вчерашниот ден се ставени под контрола неколку други помали пожари, помеѓу селата Барово и Вешје, тој во близина на планинарскиот дом Китка, како и пожарите во Кратово и Гевгелија.

Во изминатите 24 часа, како што информираа вчера од МВР, во активностите за справување со пожарите се ангажирани близу 600 припадници на полицијата.

Од МВР апелираат строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат догорчиња и да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.

Паралелно  продолжија и активностите за помош во подрачјата каде што веќе се изгасени пожарите. Екипите на кумановскиот Црвен Крсткако и вчера поделија хуманитарна помош за жителите чии куќи и имоти беа зафатени во минатонеделните пожари во кумановско и општина Старо Нагоричане. На жителите од овие села, волонтерите им донираа прехранбени и хигиенски пакети, вода, ќебиња и душеци. Од Црвен крст Куманово најавуават дека ќе продолжат и во наредниот период да доставуваат хуманитарна помош за жителите од селата зафатени од пожарите.

Доброволното пожарникарско друштво „Толмин” од Словенија, пак, кое со своите пожарникари-доброволци помогнаа да се изгасат огромните шумски пожари во Малешевијата, вчера донираше лична пожарникарска опрема на своите колеги од Територијалната противпожарна бригада од Берово.
 
– Донирана е лична пожарникарска опрема, договор за соработка и обука и создадено силно пријателство со доброволното пожарникарско друштво „Толмин“ од Словенија. Договорена е и поголема донација на пожарникарска опрема која веќе нашите искрени пријатели ќе ја обезбедат со пристигнување во својот дом во Словенија. Планирана е и обука во Словенија на нашата противпожарна бригада која би се реализирала во текот на следната година, информираа од oпштината.оџ/лв/