Пожарите ја претворија Грција во буре барут (Галерија)


Пожарникарите не можат да стигнат насекаде каде што избувнуваат пожари. Властите предупредуваат на нови пожари поради бурните ветрови и пеколните температури

 

Пожарникарите трети ден по ред се борат со пожарите низ цела Грција, а вчера силните ветрови повторно ги разгореа пожарите северно од Атина.

Црвен факел синоќа ја осветли ноќната панорама на грчката престолнина, жителите избегаа од предградието, а властите во петокот предупредија на нови пожари поради најавата за бурни ветрови и високи температури кои се движат околу 40 Целзиусови степени, пишува Ројтерс.

Дванаесет лица завршија во болница, меѓу кои и двајца пожарникари поради изгореници здобиени во пожарот.

Пожарникарите оделе од куќа до куќа за време на евакуацијата на жителите за да ги спроведат на безбедно, на околу 20 километри од Атина. Пожарот се заканува да го прекине снабдувањето со делови од главниот град откако ја оштети преносната мрежа, соопштија грчките власти.

Премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека службите за итни случаи имале тешка ноќ, бидејќи ветровите од запад се засилиле. Тој, исто така, ги повика луѓето да избегнуваат непотребни патувања и да ги следат упатствата на соодветните служби.

„Ова се услови без преседан, продолжен топлотен бран ја претвори нашата земја во буре барут“, рече тој во вонредно обраќање.

Со пожари во Турција и Македонија и поплави во Западна Европа, оваа година имавме можност да видиме бројни апокалиптични сцени низ Европа.

„Ако има само неколку луѓе кои се сомневаат дали климатските промени се реални, ги поканувам да дојдат тука и самите да се уверат“, рече грчкиот премиер од Илија, каде пламените јазици ја загрозуваа древната Олимпија. Пламените јазици се приближија и до Летната палата Татои надвор од Атина, која е сопственост на поранешното грчко кралско семејство.

Стотици беа евакуирани со брод од островот Еубеја во близина на Атина. Бродови и туристички бродови на крајбрежната стража евакуираа 631 лице од три плажи на островот од четвртокот вечерта, каде што пожарот зафати големи делови од боровата шума од вторникот и стигна до морето.

„Се обидуваме, со она што го имаме, да се справиме со најголемата катастрофа на Еубоја во последните 50 години“, рече заменик-гувернерот на островот, Јоргос Келаидитис.

Црковните sвона ѕвонеа на островот Евија во близина на Атина во четвртокот како предупредување за пожари. Околу 25 села на островот веќе се евакуирани.

„Ситуацијата е надвор од контрола. Пламенот се крева на височина од 40 метри“, изјави локалниот градоначалник Јоргос Цапурниотис.

Пожарникарите вчера со помош на „канадери“ и хеликоптери успеаја да ги стават под контрола пожарите во близина на Атина во текот на денот. Но, високите температури ги вратија во живот, а огнот го премина автопатот што ги поврзува Атина и северот на земјата и се заканува со населени места.

Доцна во четвртокот, властите наредија евакуација на предградијата северно од Атина и ги преместија барателите на азил од блискиот прифатен центар за мигранти во Малакас.

Повеќе од 150 шумски пожари избија низ Грција од вторникот, уништувајќи домови, принудувајќи евакуација на десетици градови и села, палејќи илјадници хектари шумско земјиште.

Администрацијата за цивилна заштита во петокот издаде „предупредување за екстремен пожар“ за половина земја поради топлотниот бран.

Министерството за финансии најави итни исплати до 6.000 евра за луѓето кои изгубиле имот и рече дека ќе следат други мерки.