Пожарот во беровско излезе од контрола, испратен армиски хеликоптер

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов најави дека утре наутро , кога ќе има услови, хеликоптерот ќе интервенира и ќе исфрли вода над опожарените површини


Армиски хеликоптер беше испратен во беровскиот регион каде пожарот меѓу селата Митрашинци и Будинарци излезе од  контрола. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информира дека кога ќе има услови, рано наутро,  хеликоптерот ќе интервенира и ќе исфрли вода над опожарените површини. За утре најавено е исто така дека, доколку има потреба, од воздух ќе се вклучат еден полициски, еден армиски хеликоптер, а доколку има потреба ќе се активира и ЕР-трактор. Ова е прв поголем пожар оваа година.

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пеќевски, вели дека сите институции се ангажирани во гаснењето на овој голем пожар и во моментов со помош на дрон ќе направат снимка и проценка на тоа каде и во кој правец се движи огнената стихија, бидејќи теренот е непристапен и е во планински предел. Тој ги повика и мештаните да се мобилизираат.

Пожарот гори мешана шума од бука и даб и  се шири поради ветерот.Има индиции дека пожарот е подметнат поради што на терен веќе е инспектор за пожари и се прават разговори со месното население.

Пожарот првично беше регистриран синоќа на сува трева  од страна на вработените на ЈП „Македонски шуми“, но попладнево е раширен поради ветерот. Во моментов нема опасност по населените места во беровскиот регион бидејќи огнената стихија е во планинскиот предел.

Општина Берово денеска упати апел до граѓаните за помош при гаснење на пожарот.

„Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година“, велат од таму.