Пожар на депонијата „Краста“ во Куманово
Екипите на „Чистота и зеленило“ со механизација и денеска се на терен на депонијата Краста на пожарот кој избувна вчера околу 20 часот. Пожарот бил забележан стражарската служба. Од претпријатието велат дека денеска се работи со механизација.
– Работат машини и камиони, се носи земја и се врши покривање на местата зафатени со пожарот. Во моментов нема видлив пламен, но има чад – изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Според него, станува збор за долгогодишен проблем поврзан со присуство на подземни гасови, особено метан, кој може да предизвика самозапалување, особено при одредени временски услови како ветер од јужен правец.
– Ова е стар, акутен проблем кој постои со децении. Пожарите на депонијата не можат да се гаснат со вода, туку единствен начин е нанесување земја – рече Томиќ.
Тој додаде дека состојбата е подобрена во однос на синоќа, кога имало поинтензивни пламени јазици, но дека и натаму има чадење на теренот. Екипите продолжуваат со работа, а се очекува во текот на денот или во наредните денови пожарот целосно да биде ставен под контрола.
Од „Еко Пчиња“ бараат итна реакција и одговорност, бидејќи се случува со години и ја загадува непосредната животна средина, како воздухот, така и почвата.