Пожар меѓу Франција и Шпанија, евакуирани 135 лица


Пожарот што избувна во петокот вечерта во туристичкиот град Портбоу, во близина на границата со Франција, денеска напладне се прошири на речиси 600 хектари. Каталонските и француските пожарникари се обидуваат да го стават под контрола пожарот, бидејќи силните ветрови го разгоруваат огнот и им отежнуваат на водените бомбардери да интервенираат, пишува Фигаро.

Според прелиминарните податоци на каталонските ренџери, до 13 часот и 30 минути биле зафатени околу 573 хектари, а во тек е истрага за да се утврди точната причина за пожарот, соопштија регионалните власти.

Пожарот е „сè уште активен“ и приоритет е да се ограничи неговиот напредок кон југ за да се спречи да стигне до становите на општина Љанса, додаваат пожарникарите, прецизирајќи дека од таа страна се загрозени над 2.500 хектари.

Пожарот напредува поради ветровите од Трамонтано, а налетите достигнуваат и до 100 километри на час во текот на ноќта, што ги спречува водените бомбардери да учествуваат во операциите. Ридската област исто така го отежнува пристапот до пламените јазици.

Денеска операциите за гаснење од воздух се ограничени на набљудување поради силните налети на ветер, кои според временската прогноза би можеле да се засилат во вечерните часови. Мобилизирани се речиси 300 шпански пожарникари, како и десетина француски камиони од одделот Пиринеи-Ориентали, кој се граничи со областа на пожарот.

Околу 135 луѓе биле евакуирани во текот на ноќта, според пожарникарите, додека неколку стотици други биле ограничени во селата или камповите кои примаат илјадници туристи секое лето. Волонтери на каталонскиот Црвен крст учествуваат во операции за поддршка на населението и прифаќање на луѓе кои не можеа да се вратат во своите домови.

Според Цивилната заштита на Каталонија  повеќе од 1.500 луѓе сè уште се без струја, а железничкиот сообраќај е прекинат меѓу Портбуј и градот Фигерес, триесетина километри на југ. Во пожарот се повредени шест лица, меѓу кои и четворица каталонски пожарникари, на кои со полесни повреди им била укажана помош во итната медицинска помош.

Во 2022 година, речиси 500 пожари уништија повеќе од 300.000 хектари во Шпанија, што е рекорд во Европа, според Европскиот информативен систем за шумски пожари (Ефис). Годинава, според истиот извор, бројот на опожарени хектари е околу 70.000 хектари, потсетува францускиот весник.