Повторно зголемен број на починати, хоспитализирани и заразени со Ковид-19 во Грција


Во периодот од 11 до 17 декември во Грција е регистриран зголемен број заразени со Ковид-19, во споредба со една седмица претходно, а зголемување бележат и хоспитализираните, приклучените на апарати, но и на починатите, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во конкретниот период регистрирани се 60 смртни случаи на возраст од 57 до 98 години, бројка поголема во однос на просечниот неделен број на починати во изминатите четири седмици.

Хоспитализирани биле 1.373 лица, за 45 отсто повеќе од просекот, а пораст има и на пациентите приклучени на апарати, вкупно 62.

Позитивноста кај сите тестирани примероци бележи зголемување во однос на претходната седмица, кога исто така имаше зголемување споредбено со претходно.

Најзастапена подваријанта во Грција е EG.5 (Ерис) со 39 отсто, следи XBB.1.5 (Кракен) со 30 проценти и подваријантата ΒΑ.2.86 со 20 отсто.

Според ЕОДИ, во земјата е потврдени вкупно 101 случај на новиот сој JN.1, што е подваријанта на BA. 2.86

-Дополнителната опасност ризик за јавното здравје од JN.1 во моментов, на меѓународно ниво, се оценува како ниска, пишува во неделниот извештај.

Националната организација за јавно здравје на Грција, цеќе подолг период, го промени начинот на следење на Ковид-19 и извештаите што се објавуваат еднаш седмично се описни и детални, без конкретни бројки на новозаразени, како што беше случај во текот на пандемијата.