Повторно ТВ војна врз грбот на граѓаните – ќе може да се гледа само јавниот сервис


Реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали преку македонските оператори ќе биде прекинато, едногласно одлучи Здружението на информатичко-комуникациски технологии, каде што се обединети сите оператори. Операторите ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал. Ваквата одлука на Здружението на информатичко-комуникациски технологии се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16 овој месец , на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа, се вели во соопштението до медиумите.

Како што дознаваме, се уште не е утврден датумот кога ќе почне да се применува одлуката. Според нашите соговорници, операторите ги прават неопходните технички подготовки, и тоа ќе го сторат во исто време. На прашањето дали всушност се остава простор за некаков договор со државата, одговорот беше негативен, бидејќи Законот е веќе донесен, а Собранието е распуштено. Одлуката доаѓа во крајно чувствителен момент, пред претстојните предвремени парламентарни избори, што значи дека многу граѓани ќе немаат можност да се информираат за активностите на партиите во предизборието, ниту да ги следат ТВ дуелите на домашните приемници, доколку се поврзани на некој од операторите.

Причината за ваквиот чекор, како што се нагласува во соопштението, се законските измени со кои на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.

„Ваквата обврска дефинирана со Законот е спротивна на ЕУ-Директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава“, велат од Здружението. Според нив, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Здружението на информатичко-комуникациски технологии поднесе барање до Уставниот суд за донесување на  времена мерка со која ќе се одложи неговата примена, заради неуставност.

Одлуката за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните законски одредби.

Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да го наплатат користењето на ТВ услугите за периодот додека трае прекинот, се вели во соопштението од седницата на Здружението на информатичко-комуникациски технологии.