Пак циркус во Град Скопје, Трајко Славески бара помош да го врати копчето

Претседателот на Советот јавно го повика инспекторатот за локална самоуправа да му помогне за да може да ги води седниците


 

Пред да почне денешната седница за советнички прашања во Градот Скопје, претседателот на Советот, Трајко Славески (ВМРО-ДПМНЕ) побара помош од инспекторатот за локална самоуправа да му го врати копчето со кое раководи со дискусиите. Тој изјави дека само претседателот на Советот или советниците имале право да менуваат нешто во опремата во салата, а не службите на градоначалничката.

„На претседателот на Советот му е оневозможено да го спроведува деловникот од аспект на спроведување на редот во салата, давањето и одземањето ако за тоа има потреба збор, контролата на времето на дискусии итн.“, рече Славески

„Јавно го повикувам инспекторатот за локална самоуправа да интервенира во Град Скопје, ќе побарам и писмено заради попречување на работата на Советот и одземање на ингеренциите на  претседателот на Советот. Замолувам и давам пауза од половина час да се врати опремата“, рече Славески.

Поради ваквата состојба, на претходните две седници имаше тензии.

„Јас како претседател на Советот во неколку наврати и усно и писмено се обратив да му се овозможи на претседателот на Советот тоа деловничко и статутарно право, дури потпишав и една наредба до Секторот за општи работи, но до овој момент не е постапено по неа. Претседателот на Советот според деловникот треба да дава збор по редослед на пријавување и доколку некој не се придружува до точката на дневен ред, по три опомени да му се одземе зборот. Јас немам начин за одземање на збор освен да исклучувам микрофони на советниците“, рече Славески.

 

По враќањето на советниците во салата, Славески рече дека советниците имаат микрофони пред нив и може да се обраќаат од место. Оние кои немаат микрофон може да дојдат до неговото место и да се обратат од таму.

„Не може вие сам да си одлучувате како да се одржува седницата на Советот и кој од каде да зборува. Ако не, што, нема да ми дадете збор?“, рече Александар Трајановски, член од ГРОМ и сегашен заменик-градоначалник.

„Не, ќе ве избркам од салата“, рече Славески и го повика обезбедувањето да застане покрај вратата.

По поставувањето на првите прашања, советниците реагираа дека во преносот во живо нема слика од оној што прашува, затоа што камерата не го следи. односно има празна говорница. Исто така, градоначалничката Данела Арсовска застана да одговара на празна говорница, без микрофон.

„Не може од тука да одговарате од тука. Ќе имате слика, нема да имате тон“, рече Славески и објави 15 минути пауза. (Н.В.)