Повторно големо невреме во Словенија: Поплави низ целата земја, а падна и снег


 Тековната недела во Словенија дефинитивно ќе биде одбележана со катастрофи кои се проширија низ целата земја. Додека во еден дел од земјава има поплави, снег падна и на планинските врвови.

Агенцијата за животна средина на Република Словенија (Арсо) издаде портокалово предупредување за вторник поради предвидената поголема количина на врнежи за северозападна и југоисточна Словенија.

Како што напишаа метеоролозите, нешто по полноќ, олујниот појас над Италија ја преминал Словенија и се протегал од Истра преку Карстот до Јулијанските Алпи. Врнежите се проширија на исток. 

Во раните утрински часови,  поинтензивни врнежи од дожд има на  југоистокот на Словенија, а нови врнежи го зафатија и крајниот запад од Словенија.

Реките во поголемиот дел од земјата надоаѓаат, а најкритична е Колпа. Протокот во горниот тек веќе се смирува, забавува и се бележи постепено зголемување на средниот тек, но Колпа се уште се држи  во тој дел од реката каде што вообичаено се излева од своето корито, објасни Андреј Голоб, хидролог на Агенцијата за животна средина.

Зголемен е протокот на реката Драва на границата со Австрија, каде веќе се излеа, а во вечерните часови се излееа и во долниот тек. На овој простор Драва станува нешто поширока, но не им се заканува на станбените згради, објасни и Голоб, пренесува 24ур.

Геолошкиот завод на Словенија предупредува дека поради зголеменото количество на врнежи и претходно навлажнување на почвата, постои зголемен ризик од создавање нови свлечишта и повторно активирање на свлечиштата што се случија за време на августовските непогоди.

Зголемената веројатност за свлечиште се однесува главно на северозападна Словенија и ќе се зголемува пропорционално на количината на врнежите, најавуваат оттаму.

Во меѓувреме побеле највисокиот патен превој Вршич. Снегот падна на надморска височина од околу 1.400 метри, јавува Метеоинфо Словенија.