Мисовски на Мечкин Камен: Македонија е пример во регионот


Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски денеска во Крушево изјави дека сме исправени пред опасноста Ковид -19, кој е тежок предизвик за здравствениот систем. Вели дека од сето ова ќе излеземе со повеќе искуство, и со вредност, а тоа е солидарноста. Им се заблагодари на здравствените работници, за нивната посветеност, хуманост и солидарност.

„Работевме напорно за да бидеме дел од НАТО сојузот, да изградиме стабилна, силна и економски просперитетна Македонија. Да се биде под чадорот на НАТО значи колективна безбедност, значи „сите за еден, еден за сите“, вели тој.

Мисовски кажа дека Македонија иако е мала земја по територија, стана пример во регионот.

„Веруваме во европската перспектива на нашата земја“, рече тој, и додаде дека ни се потребни функционални институции. Упати апел да се исполнат ветувањата дадени кон граѓаните.

Традиционално, кога ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, и годинава празникот беше осрамотен со грди довикувања еден грст луѓе до официјалните делегации. Единствени говорници што не се исвиркуваат се тие од ДУИ, од коалициски причини, но поради болест спикерот Талат Џафери го откажа обраќањето во Крушево. Поради ограничениот број посетители сепак ова беше неуспешен обид да се наруши и овојпат големиот празник.

„Ова е место за херои, не за предавници“, „Никогаш Северна, само Македонија“ , викаа присутните кон владините функционери.

Во Крушево каде што настаните се одбележуваат под покровителство на републичкото Собрание, владината делегацијаја претставуваат вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а имаше преставници од сите политички партии, вклучувајќи ја и таа на главната опозициска партија.