Повторно 100.000 Белоруси излегоа во Минск, од утре генерален штрајк


Полицијата употребува шок бомби за да ги растера демонстрантите

МИНСК – Кандидатот на белоруската опозиција Светлана Тихановска изјави дека националниот штрајк ќе започне на 26 октомври откако владата на Александар Лукашенко одговори со шок бомби и гумени куршуми на протестите против него во неделата.

Тихановска претходно постави „Народен ултиматум“ Лукашенко да си даде оставка до вечерта на 25 октомври, предупредувајќи дека ќе повика на национален штрајк доколку тој не го стори тоа.

Повеќе од 100.000 луѓе протестираа во Минск на 25 октомври и покрај масовното присуство на полицијата и војската.

Протестите се случија 11-та недела по ред и покрај предупредувањето од Министерството за внатрешни работи дека луѓето не треба да присуствуваат на демонстрациите за кои не е издадена дозвола.

Шок гранати беа употребени против демонстрантите, додека десетици илјади луѓе се упатија кон Палатата на независноста во Минск, носејќи црвено-бели знамиња на белоруското опозициско движење.

Демонстрантите се распрснуваа додека силните удари и трепкања ги осветлуваа улиците на градот по паѓањето на ноќта, покажаа видеата. Најмалку едно лице е рането како резултат на употреба на шок бомби, а едно лице било рането од истрел на гумен куршум во стомакот.

Повеќе од 120 лица беа приведени, објави групата за човекови права „Вјасна“.

Полицијата потврди дека е употребено оружје за контрола на немирите и дека имало притвори, јавија агенциите ТАСС и РИА Новости.

„Режимот уште еднаш им покажа на Белорусите дека силата е единственото нешто за што е способна“, рече Тихановска во изјавата. „Затоа утре, на 26 октомври, ќе започне национален штрајк“.

Пред протестите, мобилниот Интернет беше нарушен и 12 станици на метрото беа затворени во главниот град од „безбедносни причини“, до раните попладневни часови, кога сите повторно се отворија.

За разлика од претходните протести во неделата, најголемиот број притвори не беа во главниот град на Белорусија, туку во регионите, рече „Вјасна“. (Според агенциите)